Директорите со исти апетити како министрите


Познатите европски и светски метрополи не се симнуваат од агендата на функционерите. На официјалните патувања првите луѓе на јавните установи наголемо трошеле пари за репрезентација и презентација, и покрај заложбите на новата Влада за економично трошење на средствата од граѓаните кои се издвојуваат за оваа цел.

Само две од вкупно девет агенции во државава имаат правилник за трошење на средствата за репрезентација, додека јавните претпријатија биле скромни во изборот на нарачки, но и не и за трошоците за репрезентација. Иако на фактурите не се евидентирани коњско месо, бифтеци од бизон, дивеч, јастози, октоподи и најразлични специјалитети, истражувањето на СКУП покажа дека не изостануваат скарата и алкохолните пијалаци. Дневните ручеци достигнуваат над 100 евра, сума која многумина во Македонија ја заработуваат на месечно ниво.

АГЕНЦИИТЕ БЕЗ ПРАВИЛНИЦИ ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

 Само две од вкупно девет агенции до кои испративме барање за слободен пристап до информации од јавен карактер располагаат со правилник за трошење на средства за репрезентација. Сите службени ручеци во Агенција за катастар на недвижности се проследени со квалитетна ракија, вино, пиво и богата софра во елитни ресторани. Директорот и заменикот немаат службени картички, нивниот правилник е во фаза на подготовка. Додека правилникот се изготвува, во 2017 година, од дел од фактурите за ресторански услуги што ги добивме, вкупно 22, биле издвоени цели 399.577 денари, односно близу 7.000 евра за една година.

Во Агенција за филм поранешната директорка Мими Ѓоргоска Илиевска и актуелниот директор Горјан Тозија своите службени картички најчесто ги користеле во странство. Покрај вообичаените трошоци, за посетите на Берлин, Стразбур, Истанбул, Кан, Ница, Братислава и Виена, поранешната директорка Ѓоргоска Илиевска, за период од февруари до јули 2017 година, потрошила 407.465 денари или околу 6.600 евра. Актуелниот директор Тозија го продолжува трендот на патувања и за посетите на Торонто, Берлин и Трст троши 160.564 денари или околу 2.600 евра. Агенцијата нема правилник за користење на средствата за репрезентација.

 Во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни уметности службената картичка на директорот не се користи за репрезентација, но на податоците од документите по кои се книжени промените на сметките за репрезентација може да се забележи дека оваа агенција за минатогодишните службени ручеци има потрошено 265.510 денари или приближно 4.300 евра. Во просек, нивните службени ручеци се движат од 5.000 до 75.000 денари и истите се регулирани со правилникот за репрезентација.

Агенцијата за вработување има правилник за користење репрезентација, според кој, покрај директорот и заменик-директорот, користење средства од репрезентација имаат и членовите на управниот одбор. Минатата година поранешниот директор Влатко Поповски за 4 месеци потрошил 97.985 денари или околу 4.500 евра. Неговиот заменик Арбен Зибери, следејќи го примерот на директорот, исто така не штедел на репрезентативните трошоци. Зибери за само три месеци потрошил цели 68.847 денари, близу 1.200 евра. За разлика од Поповски и Зибери, актуелната директорка Билјана Јовановска на почетокот од своето управување со агенцијата, за три месеци, успеала да потроши само 18.241 денари, односно околу 300 евра.

Во Агенција за млади и спорт актуелниот директор Дарко Каевски го следи трендот на претходникот Марјан Спасески, со вкупно 59.768 денари, т.е. близу 1.000 евра потрошени за репрезентација за 5 месеци. Неговиот

претходник, Марјан Спасески, за првите 8 месеци од 2017 година има потрошено 69.454 денари, малку повеќе од 1.000 евра. Репрезентативните трошоци на Спасески и Каевски не се регулирани со правилник.

Агенција за квалитет и акредитација на здравствени установи нема правилник за користење на репрезентација и директорот и заменик-директорот немаат користено службени картички. По однос на фактурите и сметкопотврдите за репрезентација кои ги има реализирано Агенцијата за нејзините потреби за 2017 година, вкупно се остварени 21.912 денари или околу 350 евра, во кои се наоѓа и угостителска услуга во вредност од 9.200 денари.

Во Агенцијата за разузнавање директорот и генералниот помошник не поседуваат службени платежни картички. Но, тие редовно се снабдуваат со набавки за потребите на кабинетот на директорот на Агенцијата, Зоран Иванов. На менито со набавки, за период од јануари 2017 до јануари 2018 година, најчесто се сервираат индиските ореви, бадеми, лешници, бајадера, шери и виски „џек даниелс“. Оваа агенција, исто така, нема изготвено правилник за користење средства за репрезентација.

Директорот на Агенцијата за пошти не поседува службена картичка и „агенцијата не е имател на информација за правилник за користење на репрезентација“, се вели во одговорот на нашето барање. Од добиените сметки, пак, се гледа дека покрај 18.480 денари за набавка на вода, се наоѓаат и угостителска услуга од 16.305 денари, новогодишни пакетчиња во вредност од 14.400 илјади денари, фактура во вредност од 20.933 илјади денари од Друштво за угостителство трговија и услуги МАРСТЕФ и една фактура со детски играчки во вредност од 6.201 денар.

Фотокопиите од изводите од службена картичка на директорот и заменик-директорот во Агенцијата за електронски комуникации, согласно внатрешната организација на менаџирање со документи, спаѓаат во категорија на интерни документи. Во агенцијата, дополнително, не постои правилник за користење на средства за репрезентација.

Доставените фактури и сметки оставаат впечаток дека директорите секојдневно уживаат ручеци со скара и алкохолни пијалаци поради што е неопходно регулирање на репрезентативните трошоци во агенциите.

ВО ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА РУЧЕЦИ НАД 150 ЕВРА

 Ситуацијата со трошоците за репрезентација во јавните претпријатија не е многу поразлична од онаа во државните агенции. Како и директорите од агенциите, надлежните од јавните претпријатија ги посетуваат истите скопски, но и други ресторани ширум Македонија. На фактурите се сретнуваат имиња на добропознати ресторани како: „Пелистер“, „Енрико“, „Дојрана“, „Корнер Баба Цана“, „Џино“, „Балканика Рустикана“, „Биг фиш“, „Бела виста“, „Гостилница дукат“, „Лира“, „Фурна“, „Боними“ и многу други.

СКУП ги побара трошоците за репрезентација од некои јавни претпријатија во периодот од јануари 2017 до јануари 2018 година. Според добиените документи, најмногу пари се потрошиле во „Комунална Хигиена“ – Скопје, околу два милиони денари или близу 42.000 евра.

Од ова претпријатие најчесто се правени нарачки за кафе, какао, сокови, минерална вода и чаеви. Од „Фајнарт мултимедија“ ДООЕЛ и „Нулта медија адвертајзинг“, се нарачувале пенкала, календари, нотеси, украсни кеси, чадори, ѕидни часовници, запалки, едукативни сликовници и маици. Но надлежните освен овие нарачки посетувале скопски ресторани меѓу кои „Казабланка“, „Пелистер“, „Дојрана“, „Рагуза“, „Енрико“, „Буре етнобар“ и други.

Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје за репрезентација во период од една година потрошени се приближно 700.000 денари или околу 11.700 евра. Уживале угостителски услуги во „Гама ексклузив“, „Барбакан“, „Кај Џино“, „Ла тераца“, „Енрико“, „Меана Б“ и други. Ручеци и нарачки за топли оброци се дел од она што го има на фактурите испратени од ова претпријатие.

 „Градски паркинг“ – Скопје правеле нарачки од „Тинекс“, а ги посетувале и „Воденица“, „Пелистер“, „Сушико“, „Таверна Ели“, „Ореов лад“, „Амигос“, „Конак Чардак“, „Буре етноклуб“, „Ла тераца“, „Визиана“, „Карпе дием“, „Гнездо“, „Казабланка“ и други. Потрошени се 598.044 денари или околу 9.700 евра.

Евидентирано е и патување во Холандија на Б. Јакимовски, за кое се потрошени нешто повеќе од 1.000 евра.

Од „Македонски железници – Транспорт“ надлежните уживале во нарачки од „Македонска куќа“, „Дојрана“, „Воденица мулино“, „Дома“, „Дојрана“, кои за една година ги чинеле околу 380.000 денари или 6.000 евра.

Лозова жолта, пива, коњак, бренди, сокови, скара, мешани салати, сирење на скара се дел од нарачките што ги има на сметките за репрезентација од Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“. Посетите во „Дојрана“, „Корнер Баба Цана“, „Џино“ и други скопски ресторани за една година ги чинеле околу 317.000 денари или близу 5.000 евра.

На сметките што се добиени од ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје, евидентирани се безалкохолни, алкохолни пијалаци, кафе, чорби, риба крап, поховани даски, скара и друго. Од „Паркови и зеленило“ биле гости во „Љуц Костадиновски“, „Фурна“, „Биг диш“, „Калабрија“ и други ресторани во Скопје. Правени се нарачки од „Рамстор“ и „Гранап “, а вкупната сума која е потрошена за една година е нешто повеќе од 170.000 денари или близу 2.800 евра.

Друштво за изградба, управување и издавање на повеќенаменска сала „Борис Трајковски“ ДООЕЛ – Скопје за репрезентација потрошиле приближно 105.000 денари или околу 1.600 евра. Најчести посети имале во рибна гостилница „Сидро“, „Старо буре“, „Конак Чардак“ и „Таверна Ели“. Од Спортскиот центар изјавија  дека  сегашниот управител Александар Петровски користи репрезентација само во ВИП Кугланата која се наоѓа во комплексот на Спортскиот центар , и тоа кафе еспресо, вода, чај… и дека најголемиот дел од  трошоците се направени во времето на  претходниот управител Златко Перински. Актуелниот управител Александар Петровски од денот на своето именување, во август 2017 година, за репрезентација потрошил приближно 35.000 денари од кои најголем трошок била сметката за купените новогодишни пакетчиња за децата на вработените. Петровски, не користел ниту службен телефон ниту дневници за службени патувања, што било дел од менаџерскиот договор.

 Од документите што ги испратија АД „Аеродроми на Македонија“ – Скопје може да се забележи дека најчесто се правеле нарачки на кафе и чај, а неколку пати имале посети во „Буши ресорт спа“, „Ла тераца“ и „Плаза де торос“. Ова акционерско друштво за една година потрошило околу 100.000 денари или околу 1.500 евра на сметка за репрезентација.

Од ЈП „Службен весник на РМ“, надлежните Лука Кржалоски и Марко Костовски, имале посети во „Калабалак“, кафе-бар „Темов“, „Паб Комедија“, „Баба Цана“ – Скопје, „Кај баба Цана“ – Куманово и „Фурна“, каде што вкупно потрошиле околу 130.000 денари или близу 1.200 евра.

 Ј.П. „Македонска радиодифузија“ – Скопје потрошиле околу 60.000 денари или 1.000 евра, а од добиените документи има сметки за угостителски услуги во ресторан „Олимпија“, „Стејџ продукција“ односно ресторанот во МКЦ и други.

Најмалку средства за репрезентација во период од една година потрошиле ЈП „Македонија пат“ – Скопје, односно околу 30.000 денари или 500 евра. Во добиените документи има фактури за кафе, сокови, чаеви, минерална вода. Меѓу нив има и фактури за неколку ручеци за кои биле платени од 400 до 1000 денари.

(Истражувањето е направено од СКУП)

Авторки: Ангела Рајчевска

Бјанка Станковиќ

Кристина Атовска