Дипломатската свита од времето на ВМРО-ДПМНЕ се враќа дома


Васко Наумовски, досегашен амбасадор на Македонија во САД, се враќа дома на 31 овој месец. Претседателот Ѓорге Иванов веќе го потпишал указот за отповикување на Наумовски од амбасадорската должност. Одлуката е објавена во „Службен весник“ на 17 септември, заедно со указите за отповикување на уште десетина македонски амбасадори, главно од европски земји, но и од мисијата во НАТО во Брисел. Според проценките, со тоа им завршуваат мандатите на повеќето амбасадори што беа именувани за време на претходната влада, со исклучок на Ивица Боцевски, кој замина во новата амбасада што Македонија ја отвори во Бразил.
Неколку дена откако ги потпиша указите за враќање на амбасадорите, Иванов отпатува во САД, каде што во поголем дел од посетата беше придружуван од амбасадорот Наумовски кој, пак, во мај годинава беше цел на критика на Владата затоа што не бил присутен за време на посетата на Вашингтон на вицепремиерката Радмила Шекеринска. Министерката за одбрана беше тогаш на средба со американскиот државен секретар за одбрана Џејмс Матис, во пресрет на самитот на НАТО во Брисел, каде што Македонија ја доби поканата за членство. Поради тоа, МНР го повика Наумовски на консултации во Скопје.
Неколку месеци претходно, Наумовски, инаку поранешен вицепремиер за европски прашања во еден од кабинетите на Никола Груевски, беше изземен од учество во преговорите за името, со тоа што процесот го презедоа министерствата за надворешни работи на Македонија и на Грција. Само неколку дена пред да биде „делегитимиран“ како македонски преговарач за спорот за името, Наумовски предизвика нови искричења на релација Иванов – Влада, кога избрза со лична оценка за предлозите од тогашната рунда преговори во Њујорк, нарекувајќи го недостоинствен пакетот на медијаторот Метју Нимиц. Тогашниот став на Намовски се поклопуваше со ставовите на Иванов, наспроти Владата, од каде што посочија дека внимателно ќе го анализираат пакетот на Нимиц и оценија дека е позитивно што се придвижува процесот.
Иако е амбасадор во нашето ДКП во САД, поточно во Вашингтон, Наумовски го придружуваше претседателот Иванов во Њујорк, каде што тој во четвртокот се обрати пред Генералното собрание на ОН – со пораки против договорот за името и со потврда на ставот дека ќе го бојкотира референдумот, што претходно го изнесе на средбите со македонската дијаспора. За оваа дружба сведочат и фотографии објавени на Фејсбук од седенка кај наши иселеници во Њујорк. На фотографиите, покрај Иванов, неговата сопруга Маја Иванова и амбасадорот Наумовски, е и синот на претседателот, кој очигледно бил исто така во Њујорк за време на Генералното собрание на ОН.
Инаку, Македонија моментно нема амбасадор во Мисијата во ОН во Њујорк. Оваа мисија, како и уште дваесетина македонски ДКП, е покриена со вршител на должност. Со вршители на должност се и мисиите во ОБСЕ во Виена, во ОН во Женева и во УНЕСКО во Париз. Македонија нема амбасадори ниту во дел од европските земји, како и во држави од соседството, како Албанија, Белгија, Шпанија, Италија… Со враќањето на уште десетина македонски амбасадори на крајот на октомври, дополнително ќе се испразнат македонските дипломатско-конзуларни претставништва.
Нема официјални информации кога може да се очекува комплетирање на македонската дипломатска мрежа, со оглед на несогласувањата околу ова прашање меѓу Владата и МНР од една страна и претседателот Иванов од друга страна. Иванов инсистираше новите амбасадори да бидат исклучиво професионалци. И иако Владата се согласи со овој услов, кој не беше практика за време на претходната постава на „Илинденска“, подоцна настана курцшлус околу одредени кадровски решенија. Дел од предлозите на Владата беа прифатливи за Иванов, некои и од негови лични причини. Поради тоа, не е исклучено комплетирањето на дипломатската мрежа да се одложи до изборот на нов претседател – во мај следната година.
Покрај Наумовски, на крајот на овој месец во земјава треба да се вратат и нашите досегашни амбасадори во НАТО – Зоран Дабиќ, во Австрија – Василка Поповска-Треневска, во Казахстан – Илија Псалтиров, во Украина – Столе Змејковски и во Обединетите Арапски Емирати – Сашо Ташевски. (А.М.М.)