Децата со попреченост излегуваат од зад ѕидовите – првата пречка е Тимјаник


Колете нѐ, бесете нѐ, во затвор носете нѐ, овде дом за деца со попреченост ќе нема. Со оваа порака нѐ вчера испратија жителите на неготинско Тимјаник од под топлото сонце во дворот на училиштето кое се наоѓа на сретсело.

Уморни од полската работа, но често и силни на закани, со погрдни зборови, па дури и клетви, овие луѓе ги убедуваа министерката Мила Царовска и претставниците на УНДП и на УНИЦЕФ во нивните аргументи. А, тие се: или поранешната амбуланта да биде градинка за нивните деца или да не се гради дом за деца со попреченост.

– Јас ги знам тие деца, сум работел со нив. Тие се соблекуваат голи. Навечер им даваат апчиња за да бидат мирни. Ние ги гледаме секој ден, и во Демир Капија и во Неготино. Немаме ништо против нив, но тоа се нездрави деца. Како може да бидат заедно со нормалните? – прашуваше загрижен селанец убеден во здравиот разум на својата теорија.

А, кои се децата што требаше до крајот на месецот на бидат сместени во мал групен дом во Тимјаник? Четири деца, кои сега се во Специјалниот завод во Демир Капија, најлошото место на светот за дете, но и единствениот избор што досега им беше оставен на родителите од Македонија, кои од низа причини не можат да се грижат за дете со пречки во развојот. Тоа се осумгодишните Мартина и Никола, 10-годишната Аделина и шестгодишниот Антонио. Сите биле напуштени од родителите. Никој од нив не оди и не зборува. На сите им треба 24-часовна помош од негувателка. Двете од нив се неподвижни.

Мартина била донесена во Демир Капија од Заводот за доенчиња и мали деца во Битола на тригодишна возраст. Аделина претходно била во Заводот Бања Банско, дете со неколку операции на колковите. Антонио е слеп и неподвижен. Неговите родители, исто така, се со попреченост. Не можат да се грижат за него, но секоја Нова година му праќаат подароци. Никола на пет години бил префрлен од една институција во Битола во друга во Демир Капија.

-Тоа се деца кои во никој случај не можат да бидат опасност за некој друг. Тие се во инвалидски колички, сами не можат ништо да направат. Дури и Антонио, кој е слеп, познава кога е изнесен надвор затоа што подобро се чувствува. Аделина се радува кога ќе ѝ пријде некој непознат, зашто сите нас нѐ познава. Им треба љубов и внимание кои таму каде што беа досега не можеа да ги добијат- вели дефектологот кој работел со нив.

Колку грижата за секое дете поединечно помага сведочат родителите на Дамјан. Тој е едно од трите деца кои го повлекоа првиот чекор на деинституционализацијата, откако вчера беа сместени во домот во Неготино. Со него ќе живеат уште две деца. Родителите го оставиле со тешко срце, откако им се родило и второто дете, неговата помала сестра која сега има седум години.

Кога се родил Дамјан, сѐ било во ред. На шест месеци добил епилептичен напад.  Мајката е таткото не знаеле што е причината. Го носеле секаде, барале помош во Швајцарија, во Германија… Дијагнозата била церебрална парализа и заостанување во развојот. Додека наполнил осум години сами се грижеле за него.

-Кога се роди второто дете, почна во некои работи да го имитира првото. Сакавме да ги чуваме и двете, но веќе немавме избор. Кога го оставивме, беше многу тежок ден… сите домашни на врата, а него го носиме… никогаш нема да се помирам со тоа дека нема да му биде подобро. Доаѓа со нас дома секогаш кога можеме, го шетаме, си играме со него. Сестричката знае дека е болен. Кога е дома, го храни. Не дозволува никој да го повреди или да каже лош збор за него. Сега сум задоволна затоа што овде ќе го најде својот мир. Утринава кога го донесовме, првпат се разбуди насмеан. Почувствува воздух и стана без да плаче – вели мајката на Дамјан.

Таа им порачува на родителите да не ги кријат децата со попреченост, а на останатите луѓе да ги прифатат како деца со исти потреби како и нивните дома.

– Јас сум мајка на две деца. Ги гледам како растат. Исто растат и двете. И на едното и на другото им треба љубов и грижа. Родителите да бидат храбри, да му дадат надеж на детето со попреченост дека и за него има живот. Јас сум горда на мојот Дамјан. Тој растеше со мајка, татко, сестра, баба, дедо, со тетки… Тој е сакано дете и така ќе остане. Сите родители треба да се гордеат со своите деца – вели мајката.

На само два километра од Неготино, во Тимјаник, атмосферата вриеше. Дотаму не допреа апелите на родителите на Дамјан. Жителите беа револтирани затоа што локалните власти пред изборите им ветиле дека во тој објект ќе има градинка. Велеа дека има многу прашина, трактори, таму се правел откуп на грозје. Затоа сметаат дека е несоодветно за деца со попреченост. Градинката им треба за нивните деца, оти секој ден ги носат по два километри до Неготино, а таму немало место за сите деца од Тимјаник. Од градежните работници разбрале дека објектот на старата амбуланта нема да биде тоа што им било ветено. Се жалат дека по шест часот во денот немаат вода во селото. Но во изјавите кажуваа и друго:

-Имаме мали деца во училиштето, кое е веднаш до овој објект. Што ќе гледаат тие кога ќе излезат надвор. Тие деца се нездрави. Тоа ќе биде стрес за нашите деца – убедена е жителка на селото.

Ниту претставниците на УНДП и на УНИЦЕФ не успеаја да ги убедат селаните дека деинституционализација се прави секаде, а се направи и во земјите од регионот. Дека децата со попреченост треба да живеат секојдневен живот меѓу други луѓе. Дека со љубов и со внимание може донекаде да се подобри нивната состојба…

Средбата заврши со ветување на Царовска дека ќе се видат уште еднаш, заедно со градоначалникот. Дотогаш, жителите на Тимјаник треба да предложат каде сакаат да им биде градинката бидејќи старата амбуланта ќе биде дом на четирите деца со попреченост од Демир Капија. И да размислат дали би сакале некој нивните деца да ги именува со придавките нездрави, ненормални, заостанати…А некој друг да се позанимава со тоа зошто не се информирани навреме дека објектот среде село треба да биде новото безбедно катче за целосно безопасните Мартина, Никола, Аделина и Антонио.

Сунчица Стојановска Зоксимовска

Фото: Борис Грданоски