Дачиќ: Нема да има посредник меѓу Белград и Приштина


Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ наведе дека не верува оти е можна промена во рамката на дијалогот меѓу Белград и Приштина, ниту пак дека е можно во него да биде вклучена трета страна.

Тој, на прашањето од Прва ТВ, дали дијалогот меѓу Белград и Приштина би можел да добие уште еден директен посредник, што произлезе поради шпекулациите дека поранешната американска државна секретарка Кондолиза Рајз може да стане специјален претставник за Балканот, одговори со прашањето: А зошто ние би го прифатиле тоа?

Дачиќ нагласи дека на Србија и е потребна поддршка од актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп и државниот секретар Рекс Тилерсон.

– Нам ни требаат Трамп и Тилерсон и новата американска администрација. Старата администрација не сакашр да ги реши проблемите, туку да го легализира она што го направи на Балканот, истакна српскиот министер за надворешни работи.

Тој посочи дека, не верува оти таква промена во форматот е можна, во формалниот дијалог да се вклучи некој отстрана.