Груевски ќе му земе на Заев и албански гласови


Да не беа фотографиите објавени на неговата официјална страница на Фејсбук, малкумина ќе знаеја дека албанскиот претседател Илир Мета два дена престојувал во Битола и во Преспа. Освен една куртоазна средба со министерот за култура Асаф Адеми, високиот гостин од Тирана остатокот од времето го поминал во директен контакт со локалното албанско население. Поводот за посетата на Музејот на албанската азбука во Битола, како и на селата Наколец и Меџитлија, е 110-годишнината од создавањето на албанската азбука во „Манастири“, односно Битола, како што ја нарекуваат Албанците.

Многу искрена средба со Албанците од Меџитлија, најоддалеченото село што се граничи со Грција. Го делиме уверувањето дека за нив доаѓаат подобри времиња, со новите изгледи за членство на Македонија во НАТО и започнување преговори со ЕУ. Благодарност до сите оние што останаа во тешки времиња како Албанци и гордо го задржаа националниот јазик, чија азбука беше основана во Битола за да ги обедини Албанците насекаде“, вели Мета во една од своите фејсбук-објави.

Адеми не го прашал Мета за Груевски

Тивкото викенд-гостување на албанскиот претседател се случи кратко по информациите во медиумите во Тирана за негова инволвираност во бегството на поранешниот македонски премиер Никола Груевски. Министерот Адеми, сепак, како што тврди самиот, не сметал дека е потребно да го праша својот гостин дали е точно тоа што се шпекулира, всушност било што поврзано со Груевски, не сакајќи да го расипува пријатниот разговор.

Додека македонските власти и натаму упорно молчат, одбивајќи да преземат одговорност, нивните албански колеги бараат алтернативни канали како да ги протнат информациите околу бегството на довчерашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој патувајќи до Унгарија поминал и низ Албанија. И тоа му била прва дестинација по напуштањето на Македонија. Притоа, освен од тајните служби, наводно голема помош имал и од албански бизнисмен, кој бил влијателен во политичките кругови.

Албанските аналитичари ја смируваат топката и не сакаат да се избрзуваат со какви било изјави и заклучоци формирани по непотврдени вести, но потсетуваат дека пред две години во албанските медиуми наголемо се тркалаше аферата околу сомнителни средства кои од Русија преку Чешка се слевале на контата на одредени сегашни властодршци во Албанија, односно поранешни функционери во Македонија. По трагата на тие информации, кои никогаш не добија потврда или каква било правна разрешница, се поврзува пријателство меѓу Мета и Груевски, но уште поважно: меѓу бизнисмени, кои сиве години добивале многу пари за своите зделки, поради што и сега помогнале поранешниот премиер безбедно да влезе во Албанија, а потоа и да ја напушти преку Црна Гора.

Мета досега само еднаш се изјасни по бегството на Груевски посочувајќи оти не сака да се меша, но оти неговото заминување од Македонија е знак на слабост и на некој начин признавање вина.

Секој политичар, особено политичар со голема одговорност како во случајот, не треба да бега ниту од правдата ниту од политичката битка. Имаме случаи и во Албанија, затворања кои биле сметани за политички, но се соочиле со тоа“, рече Мета.

Албанското гласачко тело разочарано

Поврзано или не со властите, бегството на Груевски ја шокираше и албанската јавност во земјава, која и онака имаше многу мало разбирање за политиките на долгогодишниот македонски премиер и која имаше голем удел во неговиот конечен пад.

Ако се вратиме во 2016 година, ќе видиме дека најмалку 40.000 етнички Албанци гласаа за СДСМ на парламентарните избори, а медиумите потоа создадоа огромен притисок кај сите партии со албански предзнак под никоја цена да не коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски. Сето тоа се правеше поради верба во борбата против корупцијата, воспоставувањето правна држава и понесување одговорност кај политичарите што работеле нечесно и што краделе“, вели аналитичарот Роберт Несими.

Според него, сите очекувања и надежи паднале во вода поради сомневањата дека Груевски директно се договорил со актуелниот премиер Зоран Заев да му се обезбедат услови за непречено бегство.

Се разбира дека тоа е спротивно на сите уверувања што ги имаа Албанците и тоа ќе се рефлектира кај сите партии на власт: и кај СДСМ и кај ДУИ. Не мислам дека партијата на Али Ахмети стои надвор од приказната. Доколку имало договор, за што има претпоставки, но нема докази, сосема е можно некој од ДУИ активно да учествувал во работата. Не знам дали тоа би бил лично Али Ахмети или, на пример, Муса Џафери, но факт е оти ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ десетина години беа многу блиски партнери и сигурно воспоставиле цврсти контакти. Додајте ги информациите што ги потврдува и Ахмети за средби со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, па и најавите од ДУИ оти би поддржале амнестија за случувањата од 27 април, ќе склопите интересен мозаик. Но, еве, и да нема договор, тогаш зборуваме за апсолутна неспособност на власта што многу го разочара албанското гласачко тело и тоа ќе го почувствуваат партиите на власт“, заклучува Несими.

Според информациите од албанската полиција, Груевски илегално влегол на нивна територија, и тоа најверојатно преку див премин кај Дебар. Со лична карта, земјата ја напуштил на 11 ноември во 19.11 часот кај Скадарското Езеро и влегол во Црна Гора.

Обвинителството бара снимки од Црна Гора

Обвинителството за гонење организиран криминал побарало Црна Гора да ни ги достави снимките од камерите поставени на граничните премини каде што поминал Никола Груевски. Властите во Подгорица потврдија дека поранешниот македонски премиер влегол во Црна Гора од Албанија со важечка лична карта, а на ист начин ја напуштил земјата и влегол во Србија.

Обвинителството нареди и на проверка на телефонски повици во земјава со цел да се утврди дали и кој му помагал на Груевски да побегне од Македонија.

Веќе десетина дена македонските власти не соопштуваат како е можно правосилно осудено лице, кое користело и заштита од МВР, непречено да побегне и да избегне издржување на двегодишната затворска казна за набавката на луксузниот „мерцедес“.

Горан Адамовски