Груевски шверцуван низ Балканот како „унгарски дипломат“


Мистеријата што деновиве го запали Балканот делумно е разрешена. Со македонска лична карта во џебот, удобно сместен во дипломатски возила на унгарските амбасади, поранешниот премиер, Никола Груевски, со неколку примопредавања штафетно се прошетал низ три држави во регионот и стигнал во Будимпешта.

Филмско бегство кое жанровски се простира од најзамрсен политичко-шпионски трилер до комедија, со оглед на тоа што додека испливуваа(т) детали од регионалните служби, македонските сè уште пливаат во сопствените задоцнети истраги, анализи, реконструкции и прелистувања закони за самопотврда дека немаат вина во скандалот од невидени размери.

Во филмот нема некакви дијалози, сè се одвивало нечујно таа вечер на 11 ноември. Груевски, според она што е и официјално потврдено, од Албанија со дипломатско возило на унгарската амбасада влегува во Црна Гора, а оттаму во Србија. Вчера доцна попладне портпаролот на албанската полиција Гентијан Мулаи потврди дека Груевски влегол на албанска територија нелегално пеш, додавајќи дека неговиот влез не е регистриран на ниту еден граничен контролен премин. „За да не привлече внимание, Груевски границата меѓу двете земји требало да ја мине пеш, дали кај Преспа или кај Дебар“, рече Мулаи.

Очигледно е, велат познавачите, дека сите балкански капацитети на унгарските служби биле кренати на највисоко ниво.

„Станува збор за добро организирана и планирана акција при која е искористена комплетната логистика на унгарските служби. Невозможно е ваква акција да се реализира без знаење на сите држави низ кои Груевски транзитира и на крајот завршува во Будимпешта. Фрапира сознанието, според досегашните информации, дека тој практично постојано е во придружба на највисоки службеници од унгарските амбасади во регионот“, вели поранешен висок службеник во македонските безбедносни служби.

Тој се сомнева дека македонските служби се целосно исклучени од таа, според него, извесна регионална координација за беспрекорна реализација на пребегот на поранешниот премиер.

„Лично сметам дека нашите служби го имаат следено Груевски и точно знаеле каде се наоѓа во секој момент, како што се покажа дека точно знаат какво било движењето и со кого сè се среќавал Миле Јанакиески. Доколку немале поим каде се движи Груевски, а немале абер ниту за регионалната операција која хируршки прецизно ја изведуваат три држави, тогаш уште полошо – станува збор за тотален аматеризам. Но, верувајте, службите не ни се до толку неспособни“, нагласува нашиот соговорник.

Бегството на Груевски, според него, е дел од поголема геополитичка игра, во која засега не се знае, а можеби и никогаш нема да се дознае, кој сè е инволвиран. Шпионски сценарија, разузнавачки потфати, политички маневри. Сè е во игра.

Во однос на „техничкиот аспект“ како што пишува Дојче веле од свои извори, засега има непотврдени сознанија дека договарањето на бегството на Груевски и упатствата како тоа да се изведе биле пренесувани преку посредник од Македонија, кој за таа цел во изминатиот период патувал во престолнината на една соседна земја. Но, поради трка со времето, крајните упатства непосредно пред бегството биле дадени во Скопје.

„Клучна работа е до кој степен е запознаена меѓународната заедница, тука, пред сè, мислам на САД. Лично сметам дека тие не се вмешани, во спротивно, тоа би генерирало голем проблем и за Владата и за земјата“, вели нашиот соговорник.

Целиот скандал со дополнителна драматика го обви премиерот Зоран Заев. Во екот на ковање стратегија за одбрана од жестокиот налет на бес и гнев кај јавноста што главната фигура од судските процеси на столетието толку лесно успеа да избега, тој отвори дилема дали Груевски по сопствена волја заминал од земјава или бил киднапиран?

„Јавно го поставувам ова прашање“, рече Заев на вчерашната прес-конференција.

Вака лесно изговорените зборови на премиерот, додека траат анализите во ресорното министерство врз кое се слеаја најголемите критики, ги шокира добро упатените во безбедносната сфера. Тие не можат да одгатнат која е точно целта на премиерот, но како што ни рекоа дел од нив, „пуштената бомба во етерот“ наликува на „жолтите комбиња“ на Груевски, од времето кога тој се бранеше дека бил жртва на прислушувањето, а не креатор.

Како го снема Груевски и кој сè му помогнал истражуваат и полицијата и обвинителството. ОД МВР велат дека се во соработка со албанското МВР, па кога ќе имаат подетални и комплетни информации ќе ги споделат со јавноста. Одделот за граници и миграции на полицијата на Албанија веќе се огласи со официјална верзија во која се вели дека поранешниот премиер на Македонија од Албанија влегол во Црна Гора, но не објаснува како влегол на албанската територија.

„Државјанинот на Македонија, Никола Груевски, на 11.11.2018, околу 19:11, излегол од територијата на Албанија од граничниот премин ‘Хани и Хотит’ во правец на Црна Гора, како патник во автомобилот со регистрација CD1013A, во сопственост на амбасадата на Унгарија во Тирана“, соопштија од албанското МВР.  Според официјалното објаснување на Албанија, Груевски слободно ја преминал албанската граница на 11.11.2018, бидејќи за него не била доставена  никаква потерница на граничниот премин. Меѓународната потерница од Интерпол – Скопје до Интерпол -Тирана била испратена два дена подоцна, на 13.11.2018, околу 19:35 часот.

Во официјалното соопштение на полицијата на Црна Гора се вели дека поранешниот македонски премиер влегол во нивната држава на 11 ноември преку граничниот премин Божај, што се совпаѓа со информацијата на Албанија за заминувањето од таа земја.

Медиумите во Црна Гора во своите истражувачки стории објавуваат пикантни детали со точни тајминзи и имиња на унгарските дипломати кои биле во друштво на Груевски кој во Црна Гора влегол на 11 ноември во 19:19 часот преку граничниот премин Божај, а во 22:16 часот истиот ден излегол од таа земја на граничниот премин Добраково со Србија. Како што се наведува, кога поранешниот македонски премиер влегол во Црна Гора, со него биле носители на унгарските дипломатски пасоши, Курсал Антал и Варсалваи Шаба, а при влегувањето во Србија, Часар Јозеф Золтан и Фелеџази Шаба, исто така, носители на дипломатски пасоши. „Во Србија влезе со автомобил со регистарски таблички 55105 во кој биле и Чазар Јозеф Золтан и Фелеџази Шаба. И двајцата имаат дипломатски пасоши на Унгарија“, пишуваат медиумите.

На официјалниот сајт на унгарската амбасада во Подгорица се наведува дека Золтан е заменик-амбасадор на Унгарија во Црна Гора, а Шаба конзул. Покрај амбасадата во Подгорица, Унгарија има и конзулат во Херцег Нови.

Наум Котевски