Груевски поканет во затвор


По неколку обиди да ги избегне судските курири кои го барале на домашна адреса за да му го достават упатниот акт за извршување затворска казна, во рацете на поранешниот премиер Никола Груевски вчера се најде конечно „поканата“ според која тој треба наскоро да почне да ја издржува првата затворска казна што му е определена во процесите што ги води против него Специјалното јавно обвинителство.
Ако не успее во меѓувреме да го одложи извршувањето на пресудата, Груевски би требало да се „пресели“ до 8 ноември во затворот во Шутка, како што стои во упатниот акт што му беше врачен вчера во ходникот на Кривичниот суд, додека чекаше да почне рочиштето за случајот „Траекторија“ – кој се однесува на тендерите за изградба на делниците Миладиновци – Штип и Тетово – Охрид. Судскиот исход на овој случај е непознат засега за поранешниот премиер, како и за уште тројца негови соработници во Владата кои се на обвинителна клупа (Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски). Затоа, пак, пресудата за случајот „Тенк“ е извесна и правосилна за Груевски. Тој е осуден на две години затвор за незаконско влијание при набавката на луксузен мерцедес по цена од над 600 илјади евра во 2011 година. Првостепената пресуда што ја изрече Кривичниот суд пред неколку месеци, Апелацискиот суд ја потврди во почетокот на овој месец.
Во меѓувреме, Груевски се соочува и со можност да остане без пратеничкиот имунитет, но и без мандат. Како што јави Телма, судијката Добрила Кацарска испратила вчера известување до претседателот на Собранието Талат Џафер дека двегодишната затворска казна за актуелниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ е правосилна. Ова известување, како што се наведува, е во согласност со член 59 став 1 од собранискиот Деловник, според кој за пратеник осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција, известување до претседателот на Собранието доставува судот кој ја изрекол казната. Претседателот известувањето веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.
Според Уставот, на пратеник може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. За одземањето на мандатот на пратеник е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, односно најмалку 80 гласови.
Покрај Груевски, за случајот „Тенк“ е осудена и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за која се водеше издвоен процес поради ризична бременост. Сепак, пресудата за Јанкулоска – за злоупотреба на службената положба и овластување е првостепена, а ако биде потврдена од Апелација и таа ќе мора да замине во затвор, но шест години. Поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, за истото дело доби затворска казна од 4,5 години.
Сепак, за Груевски не се исцрпени сите правни лекови за одложување на извршувањето на казната. Неговите адвокати, во средата, поднеле до Врховниот суд барање за вонредно преиспитување на пресудата за случајот со луксузниот мерцедес. Одбраната поднела воедно и барање за одложување на издржување на затворската казна.
-Сите работи што требаше да ги поднесеме се поднесени, велат од адвокатскиот тим на Груевски.
Од одбраната на поранешниот премиер не прецизираат на што се темели барањето за одложувањето на издржувањето на затворската казна по примањето на упатниот акт.
-Имаме право да бараме одложување на затворската казна. Во рок од три дена да поднесеме молба за одлагање на издржувањето на казната до Кривичниот суд. Но првин треба да го видиме упатниот акт. Да, ќе ги искористиме сите можности што ни се располагање за одложување, велат адвокатите.
Во текот на вчерашниот ден, до Врховниот суд не беа пристигнати барањата на адвокатите. Тие објаснуваат дека барањата прво се поднесуваат до Основниот суд Скопје 1, каде што треба да ги соберат сите документи и да ги препратат до Врховен суд на одлучување.
Според претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, прашање е дали барањето за вонредно преиспитување на пресудата може да го одложи издржувањето на затворската казна.
-Има различни искуства. Имало и предмети во кои имало такво нешто и во кои немало. Тоа е прашање за секој случај поединечно. Не можам ништо да кажам однапред, бидејќи предметот оди на одлучување во совет од петмина врховни судии, ни изјави Вангеловски.
Независно од тоа каква ќе биде одлуката на Врховен суд, Груевски ќе остане запишан во архивите на македонското правосудство и политика како прв премиер која е правосилно осуден за дело што го сторил за време кога бил на чело на владата. Правосилна затворска казна, пред неколку години, имаше и за неговиот претходник на „Илинденска“ Владо Бучковски за случајот „Тенковски делови“, но од времето кога тој беше министер за одбрана. Во случајот со Бучковски, одлуката на Врховниот суд да го врати предметот на повторно разгледување во пониските судови беше пресудна за тој и натаму да биде на слобода.
(А.М.М. – Ф.Ф.С.)