Град Скопје ќе дава субвенции за електрични тротинети


Градот Скопје распиша јавен повик за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување електрични тротинети за 2018 година.

„Јавниот повик ги опфаќа сите граѓани (жители) на Град Скопје кои ќе купат електричен тротинет од денот на објавувањето на Јавниот повик (29.10.2018 година, понеделник), а заклучно со 10.12.2018 година. Со овој повик се предвидува Град Скопје да надомести (субвенционира) дел од средствата за набавка во износ од 50% од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 10.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход“, соопштуваат од Град Скопје.

Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен“. Потребно е барање за надоместок кое може да се подигне од архивата на Град Скопје во барака со број 16. Потоа, доказ за жителство во Скопје, со доставување копија на важечка лична карта на барателот, фотокопија од трансакциска сметка на барателот. Дополнително потребен е доказ дека е извршено купување на електричен тротинет, и тоа оригинал фискална сметка или фактура со извод од деловна банка т.е доказ за платена фактура во целост, со датум од денот на објавувањето до денот на завршувањето на Јавниот повик.

Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на надоместок за еден електричен тротинет.

„Барањето за надоместок на дел од трошоците за купување на електричен тротинет, заедно со потребната документација, граѓаните ги доставуваат до соодветната Комисија, преку Архивата на Град Скопје, бул.Илинден бр.82, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот“, информираат од Градот.