Градот исчезнува, а богаташите не се откажуваат од купување станови
Мајами е еден од најпосетените градови на светот, а во следните 80 години поголем дел од него може да биде под вода, сметаат научниците.
Имено, овој град кој се наоѓа на помалку од два метри надморска височина, веќе сега се соочува со поплави поради подигнувањето на нивото на морето и кога не паѓаат обилни дождови.
Сепак, пазарот на луксузни недвижности во Мајами цвета, а како што велат тамошните агенти за недвижности, богатите купувачи не се загрижени многу за климатските промени и можноста на потонување на барем дел од градот. Тие не се откажуваат од купување луксузни апартмани.
„Не постои сценарио според кое Мајами каков што е денеска ќе постои на крајот на овој век“, смета Џеф Гудел, автор на книгата „Водата ќе дојде: Подигнување на морето, градовите кои тонат и повторно создавање на цивилизиран свет“.
Проценките колку ќе се подигне нивото на морето се разликуваат, но според американската Канцеларија за океанологија, тоа до 2100 година може да дојде до речиси два метра, значи онолку колку што е просечната надморска висина на Мајами.
Сепак, се повеќе богаташи со своите семејства одлучуваат да ги напуштат сојузните држави како Калифорнија или Њујорк, во кои даноците се високи, па се доселуваат токму во Мајами за да го искористат статусот на Флорида како држава која не ги даночи нивните приходи. Многу од нив сакаат да се доселат токму на самиот брег, во луксузни апартмани и станови.