Втора рунда за договорот: Брзи измени или брзи избори


Нема дилеми дека ќе продолжи спроведувањето на преспанскиот договор по завчерашниот референдум кој не ги исполни очекувањата во однос на одѕивот, ама ги потврди прогнозите за апсолутна доминација на опцијата „за“ наспроти одговорот „против“ на референдумското прашање. Ден потоа, сепак, останува дилема дали уставните измени ќе ги носи актуелниот парламентарен состав или некоја нова собраниска гарнитура со друг распоред на сили – избрана на вонредни избори во најкус можен рок.
За владејачкото мнозинство, според изјавите на владини функционери, посоодветна е првата опција, со оглед на тоа што понатамошното спроведување на договорот за името влегува во цајтнот. Процесот продолжува под притисок на роковите за донесување на уставните измени, за ратификација на договорот во парламентот во Атина, за почнување на процедурите за полноправно членство на Македонија во НАТО, а во мај следната година престојат редовни избори и во земјава и во Грција. Освен тоа, во случај на предвремени избори, ќе биде потребно дополнително време за конституирање на новиот парламент, а уставните измени би се носеле паралелно со формирањето на нов владин состав, додека актуелната влада би функционирала на техничко ниво, што може да биде причина за создавање политичка нестабилност.
МЕЃУПАРТИСКИ ПРЕГОВОРИ
Заеднички именител на речиси сите пораки што стигнаа вчера од меѓународните фактори е да не се губат време и енергија на нови избори, туку процесот да продолжи во овој парламентарен состав. Во таа насока е и изјавата на вицепремиерката Радмила Шекеринска, која вчера на заедничка прес-конференција со вицепремиерот Бујар Османи, најави дека во следните седум до десет дена ќе се направат сите потребни консултации со пратениците и пратеничките групи. Како што вели Шекеринска, ќе се процени дали постојат шанси да се обезбеди двотретинско мнозинство, а дотогаш нема да се влегува во подготовка на уставните амандмани.
„Се надеваме дека Македонија реално ќе добие шанса во брза и ефикасна процедура да ги заврши своите обврски, да обезбеди членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ. Ако не дојде до тоа, мора да ја употребиме втората демократска алатка, а тоа е организирање предвремени парламентарни избори“, појасни Шекеринска.
Османи рече дека ставот на ДУИ е да се исцрпат сите можности за пратениците да гласаат за измените бидејќи Македонија има големи обврски пред себе и сите други прашања треба да се потчинат на оваа возвишена цел.
Пристапувањето кон уставни измени, според информациите, е ставено на чекање во парламентот. Вчерашната редовна понеделничка координација меѓу пратеничките групи, завршила за десетина минути, со договор да се почека исходот од консултациите меѓу парламентарните партии. Првата нова седница на Собранието е закажана за 15 овој месец. Ама пратениците не се сигурни дали ќе се одржи, со оглед на тоа што Собранието би можело да биде распуштено веќе на 10 октомври за во најкус можен рок (од 45 дена), поточно на 25 ноември да се одржат вонредни избори. Со тоа не би можел да се испочитува предвидениот рок за формирање на т.н. пржинска влада – сто дена пред избори, како што беше предвидено во текот на преговорите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за деблокирање на процедурите за распишување на референдумот. Шекеринска појасни вчера дека, во случај на брзи избори, ќе се постапи согласно роковите предвидени со Уставот, според кои во случај на распуштање на парламентот избори се одржуваат во период од 60 дена.


Дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, според информациите од тој табор, не се воодушевени од можноста за предвремени избори, особено оние што немаат големи шанси да се најдат повторно во добитните комбинации на кандидатските листи. Генерално, и во ВМРО-ДПМНЕ не постои изразено расположение за избори, со оглед на поделеноста што владее во партијата и нејзиниот моментно скромен коалициски потенцијал, наспроти можноста парламентарните партии кои го поддржаа референдумот (СДСМ, ДУИ, Беса, Алијансата за Албанците и ДПА) или поголем дел од нив да излезат на изборите со заеднички листи. И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во неделата вечерта запрашан дали е за предвремени избори, изјави дека референдумот не беше за избори, туку за договорот за името.
МОЖНИ ПАЗАРЕЊА
Во политички кругови, не се исклучува можност ВМРО-ДПМНЕ да влезе во нов циклус политички пазарења со СДСМ за соработка во донесувањето на уставните амандмани, за што ќе биде потребно двотретинско мнозинство во два наврати – на почетокот и на крајот на процесот. Во тој контекст, како можност за условување од страна на ВМРО-ДПМНЕ, се враќа во игра предреферендумското барање за амнестија – за обвинетите за „крвавиот четврток“ во парламентот и за случаите што произлегоа од прислушувањето. Сепак, просторот на СДСМ за отстапки во однос на евентуалните барање за амнестија е максимално стеснет, затоа што расчистувањето со настаните на 27 април минатата година и со предметите што ги отвори СЈО е наведен како еден од клучните критериуми што ги бара ЕУ од нашата земја.
Од друга страна, реториката на раководството на ВМРО-ДПМНЕ по референдумот не остава многу простор за надеж дека лесно ќе се обезбедат уште девет гласа колку што се потребни за пристапување кон уставни измени. Иако во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ има критична маса во однос на политиките на актуелното партиско раководство, како што и дел од пратениците ги игнорираа отворените повици на претседателот Ѓорге Иванов за бојкот и прикриените активности на Мицкоски во таа насока, прашање е дали во опозициската пратеничка група ќе се најдат поединци кои би настапиле спротивно на партиските инструкции во однос на уставните измени и би се изложиле на ризик да бидат стигматизирани како „предавници“ во партиската база.
Пред референдумот, дваесетина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се изјаснија преку социјалните мрежи дека нема да гласаат за уставни измени со цел промена на уставното име. Но пратеничката група на опозициската коалиција брои 48 члена, од кои шестмина се од помалите партии од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во тој контекст, доколку кај дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се препознае волја за соработка при донесувањето на уставните измени, не се исклучува можност од тајно гласање кога ќе биде потребно да се испорача двотретинско мнозинство.
Шекеринска изјави вчера дека сега е време кога на Македонија ѝ е потребно заедништво повеќе од кога било досега.
„Пратениците ќе имаат јасен избор – од една страна Македонија во НАТО и ЕУ, а другата страна е изолација и неизвесност. Очекуваме пратениците да ја прифатат пораката од референдумот и да ја преземат својата одговорност“, изјави Шекеринска.
Според вицепремиерите Шекеринска и Османи, граѓаните кои излегоа на референдумот им даваат целосен легитимитет на институциите да продолжат со имплементација на обврските што произлегуваат од договорот со Грција.
„Имавме консултативен референдум како инструмент да се определи политичката волја на граѓаните. Резултатите од референдумот им дава легитимитет на институциите да продолжат уште денеска со спроведување на обврските од овој меѓународен договор“, рече Османи.
Тој потсети дека референдумот беше консултативен и дека и претходно имаше проблеми со цензусот посочувајќи дека прагот за успешност на претседателски избори е спуштен од над 50 на 40 отсто. Александра М. Митевска