Врвот на СДСМ расправа за промените во Владата
Централниот одбор на владејачката СДСМ, како што јавуваат од таму, расправа вечерва. Според неофицијални информации, тема на дискусија треба да бидат престојните промени во Владата, за да се пополнат испразнетите места по локалните избори.
Премиерот Зоран Заев изјави денеска дека името на новиот министер за здравство би требало да се знае до крајот на овој месец, што би значело во текот на следната недела.
На оваа тема тој, како што рече, е во постојана комуникација со коалициските партнери – ДУИ и Алијансата на Албанците.
Партијата на Зијадин Села има свој фаворит за функцијата што ја извршуваше новиот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари. Но, според информациите, и СДСМ е заинтересиран да постави свој кадар во ресорот здравство, за што веќе се спомнуваат и одредени имиња на лекари. Но, таква рокада би била вовед во мини-реконструкција на владата.
Во кабинетот на Заев треба да се пополни и министерското место за странски инвестиции, каде што беше досега Рамиз Мерко, како и едно заменик- министерско место . Ова е прв состанок на врвот на СДСМ по неодамнешните избори.
А.М.М.