Во последниот квартал од 2017 година 178,1 милион евра странски директни инвестиции


Во последните три месеци од 2017 година во Македонија влегле 178,1 милиони евра странски директни инвестиции за разлика од вториот и третиот квартал кога се бележеше пад од 60,5 милиони евра, покажуваат податоците на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

Аналитичарите и странските финансиски институции претходното намалување на странските директни инвестиции го оценија како последица од политичката криза, а закрепнувањето во текот на последниот квартал согласно анализите на експертите укажува на зголемена доверба и позитивни очекувања за идниот економски раст меѓу странските инвеститори.

Според податоците на НБРМ, вкупната сума на нето странски директни инвестиции за минатата година изнесува 229 милиони евра, од кои најмногу 37 милиони евра дошле од Германија по што следат Австрија со 24, Сент Винсент и Греандини со 20, Луксембург со 17 и Хрватска со 15 милиони евра.

Најмногу од парите, 67 милиони евра биле вложени во услуги, во рударството се вложени 34 милиони, кај активности во врска со недвижен имот нешто над 21 милион евра, во трговија 19, во земјоделство речиси 10, во административни и помошни дејности девет милиони, во финансиски и осигурителни дејности седум, во информации и комуникации шест, во професионални и научни дејности пет, а во градежништво, хотелиерство, како и уметност и рекреација по три милиони евра.