Во маалото спроти ГТЦ: И калдрмата попушта пред моќ


Рампата на паркингот спроти Градскиот трговски центар и натаму е крената. Викенд е, згора и убав сончев зимски ден, па еден куп комбиња и автомобили од соседните земји го користат за своите возила додека пазарат во центарот на Скопје. За другите и не е некој предизвик, бидејќи во недела паркирањето е бесплатно речиси насекаде низ градот.

Зад паркингот нема одмор за сервисот за перење возила. Кафеаната во куќите во близина е затворена. Ги нема ниту привремените бараки на туристичките агенции кои го користеа познатиот „Дрводекор“ за дочекување и испраќање на меѓународните автобуси. Урнати се. Направен е простор за новиот мега станбено-деловен комплекс, чија изградба ги вознемири скопјани. И тие што живеат во близина и тие од другите населби, затоа што висококатниците во строгото централно подрачје дополнително ќе го отежнат дишењето во македонската метропола.

Во старото Ново Маало уште можете да го почувствувате мирисот на Скопје, кој одамна го нема. Се губи и тука, но можете да го препознаете по остатоците од типичните скопски куќи од некои поранешни времиња, каде што фасадите се распаднале, на прозорците има само конструкција, а живата ограда ги јаде ѕидовите. И по калдрмата. Таму каде што не распукале коцките. Сега ќе попуштат под моќта.

Во Ново Маало навистина има и нови куќи, кои го следат современиот тренд. Во нив ќе најдете и продавнички, фризерски салон, адвокатски канцеларии и најмногу сервиси за поправка на автомобили. Некои од нив се запуштени, па во руината се собираат бездомници. И вчера затекнавме неколкумина. Запалиле оган за да се стоплат.

Некогаш преспиваме тука. Нема врати, прозорци, таванот е скршен и пропушта, ама подобро е отколку надвор во зима. За греење користиме сè што ќе најдеме, само да грее колку-толку“, вели еден од нив.

Кога и ако се изградат висококатниците – ќе мора да си најдат друго засолниште. Насекаде околу малите улички ќе забележите знакови: „не паркирај, доаѓа пајак“, што е оставина од минатото кога паркингот спроти хотелот „Холидеј ин“ се наплаќаше, па скопјани ги користеа околните сокаци за да заштедат некој денар.

Ќе почне дури и да ми недостига тоа време кога пред куќа имав паркирано еден куп возила, а газдите никогаш не сум им ги видел. Колку се нервирав што немаше простор за мене, а баш сега си велам ‘што убаво време било тоа’“, вели еден од жителите на куќите.

Целиот хаос што настана изминатите денови, откако државата овозможи откуп на парцелите за приватните инвеститори, ги подели размислувањата на сопствениците на четириесетината куќи, кои сега се под притисок да ги продадат своите огништа за нацртаниот проект да добие комплетен лик. Токму затоа внимаваат што ќе кажат, затоа што признаваат оти ако веќе мора да се продава – тогаш во интерес им е да добијат повисока цена.

Доаѓаат посредници кои, како што тврдат, во име на други луѓе ни нудат продажба во размер два спрема еден за инвеститорите. Или да ни исплатат обврзници, но кој верува во нив? Којзнае кога ќе добиеш пари за нив. Како и да е, пари во готовина никој не нуди“, објаснуваат новомаалци.

Нивните куќи и парцели се со сите потребни дозволи, но со децении имаат проблем да ги легализираат, односно да ги откупат „неколкуте квадрати“ што ги споиле на своите имоти, а ѝ припаѓаат на државата.

Со одлуката на градоначалникот на Општина Центар за мораториум, која важи до 14 декември, ќе мора да се стрпиме, а потоа се надеваме дека ќе стигнеме до заеднички јазик со властите“, потенцираат жителите.

Како што е познато, најголем дел од парцелите спроти ГТЦ се продадени на фирмите „Обновители“, која платила 2,5 милиони евра и „Фешн груп“, која за својот дел платила половина милион евра. Цената за еден квадрат изнесувала 19.200 денари.

Граѓаните бараат надлежните да спречат изградба на висококатниците во центарот на Скопје, но властите уверуваат оти се немоќни бидејќи сè било според законот. Единствено се најавува оти нема да се градат шеесеткатници.

Горан Адамовски