Во Кисела Вода фрлени околу 20 тони сол, во Карпош се чисти рачно и со механизација


Општина Кисела Вода информира дека се расчистуваат улиците од снежните наноси. Со помош на камиони и механизација за расчистување на снегот фрлени се околу 20 тони сол.

Работниците на фирмата „Анизор“, ангажирана од општината, заедно со сезонските работници од вчера, од 18 часот, биле излезени на терен во текот на ноќта, а нивните активности продолжиле и од 4 часот утринава и ќе траат во текот на целиот ден.

Општина Кисела Вода информира дека интензивно се работи на расчистување на просторот околу градиниките и основните училишта, а се интервенира и на автобуските постојки. Кризниот штаб на општина Кисела Вода е во постојана координација и со службите на ЈП „Улици и патишта“ кои ги расчистуваат главните улици.

Општина Кисела Вода апелира до сите жители да го расчистат снегот пред своите дворови и влезовите на станбените згради и со тоа да овозможат проодност и непречен пристап до објектите.

Фирмата „Анизор“, ангажирана од општина Карпош за одржување сообраќајници и патишта во зимски услови, од синоќа непрекинато работи на расчистување на снегот. Се чисти со два камиона опремени со „нож“ и фрлач на сол и со „Крамер“ – специјално возило за расчистување на помали и тешко пристапни улици.

Општина Карпош информира дека се чистел снег и се посипувале улиците со сол на патот за Горно Нерези, на улиците „Трнодол“, „Жданец“, „Ловќенска“ бр. 4 и 9 и во населбата Бардовци на улиците „4“ и „6“. Во последните 14 часа расчистени се повеќе улици во Карпош 1 и Карпош 2 (кај Полициската станица и кај Машински факултет), во Карпош 3 и Карпош 4. Се расчистувале и улиците во Влае 1 (се до Кејот на Вардар, до клиниката Неуромедика), во Влае 2, како и во Тафталиџе 1 и 2.

Освен со механизација, улиците и пешачките патеки во Карпош се расчистуваат и рачно, од работниците од локалната самоуправа задолжени за комуналната хигиена.