Во Аеродром воздухот повторно смрди
Ново Лисиче и Лисиче смрдат на чад и на изгорено, а градоначалникот Златко Марин вели дека се работи за мали пожари во кои гореле грмушки. Неколку денови по ред, особено во вечерните часови, жителите на Општината Аеродром, особено на овие две населби, повторно се борат за воздух. Почетокот на грејната сезона и првите пониски температури за овие граѓани се потсетување дека загадувањето на воздухот е на прагот. Лоши миризби на чад и на изгорено, поради кои ниту можат да се движат на отворено ниту, пак, дома да отворат прозорец, повторно им се секојдневие. Градоначалникот Марин вчера информираше дека општинските инспектори за животна средина излегле на терен и констатирале дека во два пожари гореле грмушки. Тој истакна дека грижата за животната средина и борбата за почист воздух се негови лични заложби и приоритети во работењето како градоначалник. Заради тоа, во буџетот за годинава биле предвидени 300.000 евра, или 20 пати повеќе од претходно.
„Проблемот со загадениот воздух бара трајно решение кое може да се постигне само со долгорочен меѓуинституционален пристап. Она што може општината да направи во своите надлежности за да ги заштити најмладите е набавката на прочистувачи за воздух за сите простории во градинките во општината. Годинава набавивме 83 прочистувачи кои филтрираат ПМ 10, но исто така и прав, чад, мувла, вируси и бактерии кои чинат 1,2 милион денари. Сега го планираме буџетот за идната година, па веројатно истото ќе го направиме и за училниците во сите основни училишта“, изјави Марин.
Тој информира дека Општината воведува и нова мерка против загадувањето на воздухот со која ќе се субвенционираат домаќинствата да преминуваат кон поеколошки начини на затоплување во зимските денови. Триесет отсто од домаќинствата во Аеродром не се приклучени на топлификациската мрежа, а добар дел од нив се затоплуваат со печки на дрва.
„Се работи за пилот-проект за кој имаме издвоено 560.000 денари. Во фокусот ни се социјално загрозените семејства, кои ќе можат да аплицираат и да добијат по 15.000 денари помош за да ги заменат печките на дрва со печки за пелети. Доколку се покаже голем интерес кај граѓаните, оваа сума ќе расте“, вели Марин.
Сања Наумовска