ВМРО-ДПМНЕ ќе се координира утре околу враќањето во парламент
Редовна координација на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е најавена за утре претпладне, од каде што се очекува да произлезе и одлука околу тоа дали опозицијата ќе го прекине тивкиот бојкот на парламентот, што го практикува речиси еден и пол месец.
Засега, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, нема одлука околу понатамошното (не)учество во работата на законодавниот дом. Така, останува за тоа да се разговара на утрешната координација, кога се очекува и договор околу тоа кога во парламентот да биде доставен најавениот закон за амнестија на осомничените за настаните на 27 април и дали тој може да биде аргумент за прекинување на бојкотот. Сепак, како што наведуваат од партијата, во меѓувреме не е сменето ништо во врска со неформалниот услов што е поставен за враќање на опозицијата, која почна да го бојкотира Собранието поради изречените притвори за настаните на 27 април.
Собранието се враќа утре на работа, по новогодишните и божикните празници, со продолжение на дури шест пленарни седници од минатата година. На дневен ред на 27. седницасе и изборот на нови уставни судии и законот за употреба на јазиците.
Спикерот Талат Џафери изјави пред Нова година дека очекува пратениците на ВМРО-ДПМНе да се вратат во собраниските клупи на 9 јануари, односно утре.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираа денеска повторно за процесот што се води за настаните во парламентот на 27 април минатата година.
„Судот мора да почне да дели правда, а не политика. Судот треба да собере сили и да ја признае грешката со притворањето на уметници и интелектуалци без никаква основа. Во Македонија десетици луѓе се ставени во притвор, како дел од монтиран случај, само затоа што изразиле спротивен став и гласно се спротиставиле на една политика. Притвор се користи како казна и средство за заплашување на политички неистомисленици наместо како мерка на претпазливост. Институциите кои треба да го штитат правниот систем ги кршат законите и правните постапки на секој чекор. Притворените се соочени со кршење на нивните права во сите фази од процесот. Незаконитоста во постапките е нотирана и од Народниот правобранител“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.