Владата ќе им помогне на општините да се раздолжат
Владата со три милијарди денари ќе им помогне на општините да се раздолжат. Министерот за финансии Драган Тевдовски, најави дека во ребалансот на буџетот ќе одвојат средства, кои се строго наменски и неповратни, а целта е да се зајакне фискалниот капацитет на општините, сервисирање на долговите и раздолжување кон стопанството.
Општините имаат пријавени неплатени обврски во висина од околу 5,5 милијарди денари, а најмногу должат Охрид – 495 милиони денари, Тетово – 468 милиони денари, Куманово -118 милиони денари и Карпош-248 милиони денари.
Тевдовски, на заедничката прес конференција со министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, изјави дека Владата на денешната седница донела три одлуки, и тоа за објавување на преземените, а неплатените обврски на државните институции, за законско решение за финансиска поддршка на единиците за локална самоуправа и одлука за воспоставување на механизам за финансиска дисциплина на единиците за локална самоуправа.
„Неплатените обврски на државните институции со пресечен датум 30 септември 2018 година се достапни на веб страната на Министерството за финансии. Износот на пријавени доспеани, а неплатени обрски изнесува 18,8 милијарди денари или 307 милиони евра“, рече Тевдовски.
Министерот Фазлиу, рече дека со денешната одлука на Владина седница се решава проблем со кој се соочуваат речиси сите единици на локална самоуправа во Македонија.
„Долговите се наследени и со години не овозможува развој. Оваа ситуација ги афектира и урбаните и руралните општини. Како Влада денеска донесовме одлука да интервенираме и финансиски да ја затвориме оваа ситуација. Очекуваме дека со финансиската поддршка општините ќе подмират голем дел од обврските и на некој начин директно ќе помогнат во економскиот развој. Со оваа одлука ќе се подмират 51 процент од вкупно пријавениот износ заклучно со септември 2018 година, изјави Фазлиу.
Посочи дека како системско решение за општините да не влегуваат повторно во долгови, предвидено е општините сопствените приходни да може да ги планираат најмногу до 10 проценти од просечните приходи во изминатите три години. Доколку буџетот на општината не е изготвен согласно овие измени, нема да биде прифатен. Дополнително општините ќе мора јавно да ги објават податоците за тоа како ги трошат парите на граѓаните.