Владата може да „брцне“ во буџетот за референдумот


Министерствата и другите органи на државната управа до денеска треба да достават информации до Министерството за финансии за средствата што би можеле да ги издвојат, односно пренаменат за кампањата за референдумот. Пресметките за средствата за потребите на референдумот ќе се направат во најбрз можен рок и потоа ќе бидат доставени и разгледани на владина седница, најверојатно наредната недела. Истовремено, ќе се планира како со тие средства ќе се одвива целата кампања. Од Владата уверуваат на целосна транспарентност околу потрошените пари за референдумот, за кој ОДИХР препорача набљудувачка мисија која треба да ги согледа евентуалните неправилности и нерегуларности.
Засега, се знае само дека кампањата ќе биде информативна, со главна цел јавноста да биде точно запознаена со вистинските информации за договорот со Грција и за придобивките од ЕУ и НАТО. Во јавноста, пак, и натаму се присутни дилемите дали Владата за кампањата може да користи буџетски средства. Главниот проблем произлегува од фактот што Изборниот законик е донесен во 2006 година и повеќе пати е изменет, но не е усогласен со Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните донесен 2005 година, каде што е наведено дека пропаганда води подносителот на иницијативата за распишување референдум, во случајов Собранието. Во него, велат познавачите, треба да се вклучат одредби за јавната пропаганда бидејќи одредбите од Изборниот законик не може да се применат во оваа област. Државната изборна комисија, пак, излезе со став дека секој може да води кампања за референдумот.
Дел од аналитичарите во сета забуна и кревање раменици од страна на надлежните институции и правни експерти се повикуваат на Венециската комисија, чии препораки, според нив, фрлаат јасна слика на проблемот.
„Според препораките на Венециската комисија, во никој случај не е забранета интервенција на извршната власт во смисла на поддршка на предлогот ставен на референдум. Напротив, Владата има неприкосновено право да го изрази својот став и има обврска преку соодветна кампања со тоа да ја запознае јавноста, притоа издвојувајќи одреден дел буџетски средства“, вели Петар Арсовски. Но, како што нагласува, исклучително е важно да внимава целиот процес на информирање на граѓаните, односно во конкретниот случај обидот за доближување на суштината на договорот со Грција, да не се претвори во партиска кампања во која би се омаловажувал опонентот.
„Владата во Британија, како најсвеж пример, водеше кампања и се рекламираше со ставот против Брегзит. Владата конечно е политичка. Таа го потпиша договорот. И треба да им објасни на граѓаните зошто го направила тоа, па потоа тие самите да одлучат дали се согласуваат или не“, вели Арсовски и додава дека при референдумско изјаснување секој може активно да влијае на исходот без оглед на ставот.
Кампањата за референдумот, како што соопшти вицепремиерот Бујар Османи, ќе се води на две нивоа, односно своја кампања ќе водат и партиите со своите коалициски партнери. Иницијативата за референдумот за територијалната организација на локалната самоуправа, кој се одржа на 7 ноември 2004 година според претходниот Закон за референдум, потсетува Арсовски, беше на Светскиот македонски конгрес. Контракампањата под мотото „Некои прашања не заслужуваат одговор“, која беше актуализирана и преку билборди, ја водеше СДСМ како партија. Затоа, не може да се повлече паралела со референдумот за договорот со Грција, вели Арсовски.
Венециската комисија препорачува и балансирана презентација не само во поглед на извршната и законодавната или личностите кои го делат нивниот поглед, туку и на спротивната страна. Успешноста на непосредната демократија, како што додаваат, се вага и според финансиските и организациски препреки. Владата на Велика Британија, да речеме, за референдумот за напуштање на Европската Унија, популарниот Брегзит, потрошила 10 милиони фунти за про ЕУ пропаганда (државата тој целосно ја чинел 142 милиони). Пари добиле сите политички субјекти врз основа на резултати од последните парламентарни избори, без оглед дали биле „за“ или „против“. Конзервативната партија добила седум милиони фунти, лабуристите пет и пол милиони, антиевропската УКИП четири милиони, а либералдемократите три милиони.
Референдумот, според сите оценки, е скап механизам на непосредна демократија. Ирска, единствената земја членка на Европската Унија која одржа референдум за Лисабонскиот договор, од 2000 до 2017 година потрошила 130 милиони фунти, а одржала дури 15 референдуми. Како што е познато, поради негативниот исход од референдумот во 2008 година, дојде до криза во ЕУ. На вториот референдум за истото прашање во 2009 година Ирците сепак кажаа „да“ за Лисабонскиот договор.
Наум Котевски