Вкупно 61 вакцина со погрешни декларации


Во екот на епидемијата на морбили, информацијата за нови заболени во Скопје и кампањата за вакцинација од страна на здравствените власти за да не се прошири заразата, на социјалните мрежи беше споделена кутија од вакцината МРП со декларација на која рокот за траење беше застарен – до октомври 2018 година. Реагирајќи на тоа, министерот за здравство Венко Филипче порача дека еден отсто од вкупното количество вакцини имаат декларации со прикажан истечен рок, иако реално имаат рок до мај, односно до јули 2019 година. Според објаснувањето, станува збор за 61 вакцина со утврдена техничка грешка од страна на компанијата увозник „Македонија лек“. Кутиите се најдени во здравствениот дом „ Железничар“ во Скопје и во домови во Демир Хисар, Велес и во Свети Николе. Министерството за настанатиот проблем ја добило информацијата преку секторот за информирање, односно преку фотографијата која беше споделена на социјалните мрежи, а не од здравствените домови или од дистрибутерот. Поради тоа проверка ќе се прави  во останатите вакцинални пунктови во земјава и во компанијата увозник „Македонија лек“, а се разгледува и можноста да ѝ се одземе дозволата на компанијата.

„Станува збор за декларации на кои има постар датум од она што е вистинскиот рок, кој е наведен како на кутијата така и на самата вакцина. Како Министерство за здравство одговараме за квалитетот на вакцините, за критериумите на нивната набавка и стоиме зад тоа. Ја разгледуваме и можноста за евентуално одземање на дозволата за работа на компанијата, поради тоа што ова го сметаме за многу сериозен пропуст. Во текот на следните денови ќе ја разгледаме оваа опција. Многу сериозно го разгледуваме прашањето од сите аспекти. Вакцините што се влезени од оваа серија се проверени од инспектори на МАЛМЕД и од претставници на Министерството при влез во земјата, а тогаш немаат декларација. Понатаму е дадена дозвола за дистрибуција од Агенцијата за лекови и дури тогаш компанијата ги залепила налепниците и ги пуштила вакцините по здравствените домови. Тоа што инициравме контрола во неработни денови само укажува дека крајно сериозно му пристапуваме на прашањето и не сакаме да се создаде дополнителна паника во јавноста, посебно не во овој период на епидемија“, истакна Филипче.

Министерот додаде дека нема да дозволи да се наруши угледот и довербата во здравствениот систем и дека ќе има проверка и во компанијата што ги увезува вакцините, од каде што соопштија дека направиле внатрешна контрола.

„Ги известивме Агенцијата за лекови МАЛМЕД, која има ингеренции за проверка на овие работи, и сите здравствени домови кои извршиле прием на овие вакцини да направат контроли, да видиме како можел да се случи овој пропуст. Истовремено, МАЛМЕД ќе направи инспекција во самата компанија, да ги испита и нивните внатрешни процедури за да видат како можело да се направи ваков пропуст, поради тоа што работа е многу сериозна“, додаде министерот.

Директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства Ќахил Ибраими посочи дека проблемот е настанат при аплицирање на декларациите.

„Вакцината е оригинална, воопшто не станува збор за никаков фалсификат, туку за техничка грешка, за која по извршените проверки ќе постапиме согласно законската регулатива за компанијата ‘Македонија лек’. Налепниците ги ставаат фирмите. Од ‘Македонија лек’ направиле техничка грешка, наместо да ги залепат новите, ги ставиле старите налепници“, рече Ибраими.

Контролата направена во вакциналните пунктови, во која детално биле исконтролирани фабричките рокови на сите кутии и на внатрешните пакувања од страна на производителот, покажала дека сите МРП вакцини со кои се имунизираат децата се со важечки рок и целосно безбедни. Утврдено било дека сите вакцини се со важност до мај 2019 година, односно јули 2019 година, со констатација дека од страна на увозникот, компанијата „Македонија лек“, бил направен технички пропуст. Кај мал број од пакувањата залепиле стари декларации, од претходниот увоз кој бил со важност до октомври 2018 година.

Се огласија и од компанијата „Македонија лек“. Во соопштението тврдат дека сите вакцини се со важечки рок и безбедни за употреба и ги уверуваат граѓаните да бидат спокојни. Потенцираат дека ова било констатирано по извршената внатрешна контрола која била направена по информациите што се појавија во јавноста за можно присуство на вакцини со истечен рок. Објаснуваат и дека при контролата била откриена помала техничка грешка која вработените ја направиле при аплицирање на декларациите.

„Контролата покажа дека сите МРП вакцини од марката ‘приорикс’, кои нашата компанија ги дистрибуира, се со важечки рок и сигурни за користење. На вакциналните пунктови има дистрибуирано вакцини од две серии, едната со важност до мај 2019 година, а другата до јули 2019. При контролата, откриена е помала техничка грешка која вработените ја направиле при аплицирање на декларациите. Имено, кај мал дел од пакувањата се аплицирани старите декларации со датумот од претходниот увоз, односно октомври 2018. Нашата компанија се извинува за овој пропуст и непријатностите што биле предизвикани. Овие пакувања се веднаш повлечени за да не се прават понатамошни забуни во јавноста и соодветно ќе бидат заменети. Граѓаните може да бидат сигурни дека сите вакцини се со врвен квалитет и важечки рок“, соопштија од „Македонија лек“.

Од „Македонија лек“ додаваат дека вакцината МРП компанија ја увезува од 2016 година и истата во континуитет, непрекинато се испорачува до здравствените установи со стандарден квалитет.

Државните здравствени и санитарни инспектори извршиле контрола во сите градинки на територија на Скопје по времената забраната од Министерството за здравство да не се примаат деца што ја немаат примено вакцината МРП, вели директорката на Инспекторатот, Ирена Бухова.

„Нема отстапување по решението во ниту една градинка, секаде се почитува времената мерката, невакцинираните деца не се примаат во градинките. За правното лице казната се движи од 2.000 до 4.000 евра, додека одговорното лице, пак, треба да плати 30 отсто од одредената сума за правното лице доколку во градинка се згрижени деца кои ја немаат примено МРП вакцината“, вели Бухова.

Инаку, вчера на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби беа примени уште две заразени деца, едно 18-месечно од градинката „Фидани“ во Чаир и другото на четиригодишна возраст од градинката „Буба Мара“ во Ново Лисиче и двете невакцинирани. Хоспитализирани биле и двајца возрасни, на 28 и 30-годишна возраст, од кои едното лице е со примена една доза вакцина, а другото е со непознат вакцинален статус. Од почетокот на епидемијата со морбили досега вкупно се хоспитализирани 19 пациенти, а вакцинирани вкупно околу 1.300 деца со МРП вакцините.

Вероника Мароска-Леова