Високите бројки во анкетите ја промашија целта


Недоволниот одѕив на гласачи на референдумот го доведе во прашање кредибилитетот на истражувачките агенции, кои го мереа пулсот на јавноста во пресрет на неделното изјаснување. Наместо предвидените минимум 750.000 гласачи, па сè до оптимистичните прогнози дури и за исполнување на цензусот, излезеноста на граѓаните застана на речиси 37 проценти или околу 660.000 државјани на Македонија што го искористија правото на глас.

Стручњаците за политички маркетинг велат дека неколку причини влијаеле за непрецизното мерење, кое ја надминува дозволената статистичка грешка од плус-минус три проценти.

„Прво, значителен број од испитаниците тврдеа дека ќе излезат и ќе гласаат против договор, а тоа очигледно не го сторија. Зборуваме за процент што се движи од 20 до 35 отсто, во зависност од анкетите или за 100.000-120.000 граѓани. Најголем дел од нив решиле да останат дома сфаќајќи дека со бојкотирање имаат поголеми шанси да го урнат референдумот. Второ, анкетите главно беа правени во средината на кампањата, кога претседателот Ѓорѓе Иванов и ВМРО-ДПМНЕ сè уште не се изјаснуваа толку директно дека заговараат бојкот. А, самите видовте дека Иванов гласно и јасно кажа од говорницата на Обединетите нации во Њујорк, додека Христијан Мицкоски и Александар Николоски во последните денови пред референдумот испраќаа јасни пораки да се бојкотира. Трето, најголем дел од анкетите промашија и кога е во прашање албанското гласачко тело. Според проценките, правото на глас го искористиле околу 215.000-220.000 Албанци, а се предвидуваа минимум 250 илјади. И четврто, агенциите кај нас генерално добро ги мерат соодносите, рејтинзите и даваат реална перцепција пред избори, но многу е тешко да се мери излезеност, затоа што никој не знае со сигурност колкав број луѓе живеат во Македонија. Анкетарите ги испитуваат тие што се во земјава, а не фиктивните што ги има на список, а ги нема физички. Ако се согласиме дека во земјава живеат околу 1,3 или 1,4. милион луѓе, не можете да вадите процент од 1,8 милион запишани избирачи“, вели Никола Спасов, директор на агенцијата „Рејтинг“, која правеше анкета единствено околу прашањето за поддршка на ЕУ и на НАТО, а не и околу излезеноста.

Пиар-експертот Игор Атанасов вели дека агенциите за истражување користат техники и методологии што се автохтони за секоја од нив и не отстапуваат, односно не ги зеле предвид и работите што влијаеле врз можната излезеност, пред сè големиот број иселени.

„Очигледно е дека анкетите беа надувани, а нивото на статистичка грешка било огромно што на некој начин влијаеше и врз однесувањето на владата која се почувствува лежерно, задоволно и пријатно. Агенциите не земаа предвид дека отсутни се и голем број од Албанците, кои претпоставуваме дека би го поддржале референдумот, како и Македонците што се на привремена работа во странство. Главниот проблем е во неисчистениот Избирачки список и во немањето евиденција кој е тука, а кој не е во земјава“, анализира Атанасов.

Тој уште еднаш повторува дека влијание врз излезеноста имала и слабо водената кампања, во која најмалку се говорело за договорот за името со Грција, како и за придобивките од нашата евроинтеграција, туку најмногу за неисполнетите ветувања на власта, слабата кадровска политика, скандалите во владата…

„Кампањата беше лична против Зоран Заев и против Владата, небаре се гласаше за партии, а не на референдум“, заклучува Атанасов.

Горан Адамовски