Будимпештанска терапија за вмровците


Интервјуто на „кралот од егзил“, Никола Груевски, за Сител (телевизијата за која прислушуваните материјали покажаа дека била главен „микрофон“ во рацете на неговиот режим) е само последна епизода од македонскиот политички театар на апсурдот.

Петнаесетминутниот разговор, во кој тој во голем дел говори во ребуси и не кажува практично ништо ново во однос на неговите писмени фејсбук-објави по бегството, предизвика различни реакции – од релативизација на неговата улога на македонската политичка сцена, до мислења дека, сепак, тој не треба да се потцени, со оглед на тоа што сè уште го нема испуштено од раце вмровското „партиско далечинско“.

Полетаа и остри партиски соопштенија од „Бихаќска“ со пораки дека кукавицата ќе се вратела – ама во затвор. Се огласи и шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска, од каде што за нареднава недела најави повеќе детали од истрагата за неговото бегство од пред два месеца.

Со краткиот разговор почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ на непосреден начин стана дел и од внатрепартиската трка за кандидат за претседател. Кандидатот за претседател од „Македонија блокира“ на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Петровски, од дистанца од 800 километри „падна на колена“ барајќи тој да застане зад неговата кандидатура за претседател и така да ја исправел неправда кон него од валандовскиот конгрес. Поранешната министерска за внатрешни работи и една од неговите најблиски соработници, Гордана Јанкуловска, пак, го игнорираше својот некогашен шеф. Интервјуто не го гледала, имала приоритетни семејни обврски.

Сиот тој наплив од реакции дојде откако Груевски се појави како осамен човек кој невешто се обидува да покаже гнев за некоја лична неправда која му е нанесена, односно како некаков Зоро со меч и наметка на „жив политичар“ кој сака да ги штити незаштитените, во случајов доскорешните негови соборци кои јавно го осудија за бегството (Мицкоски, Јанакиески, Јанкулоска), за што тој не им се лути бидејќи биле под притисок.

Како и обично, не заборави да ја исмејува власта. „Нели ќе откриеја како сум заминал“, сака да поентира Груевски порачувајќи, „ќе се вратам, не сум дојден тука да живеам, туку да се засолнам од политички прогон“.

Тешко беше вчера да се добие некаков коментар во врска со настапот на Груевски внатре во структурите на ВМРО-ДПМНЕ. Дури и припадници на т.н. реформско крило одбегнаа да дадат свое мислење која би можела да биде целта на Груевски вака одвреме-навреме да ја „пецка“ јавноста преку медиумски обраќања (во случајов нарачани) и кому со тоа може да му нанесе штета или да му донесе корист.

Дел од аналитичарите, пак, што ги консултиравме велат дека тој ѝ нанесува одредена штета на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи е тешко да се застане зад политичар (на кого дел од членовите сè уште гледаат како на икона), кој избегал од соочувањето со правдата колку и тоа да го нарекуваат политички прогон, а истовремено им прави штета и на органите на прогонот кои не можеа да го спречат неговото бегство.

Дел, пак, сметаат дека штетата на партијата веќе ѝ ја направил и тука просторот за такво нешто е целосно затворен.

„Тој не може сега да направи некаков посериозен лом внатре во партиските редови на ВМРО-ДПМНЕ. Нив им направи доволно штета што ги одведе во опозиција и ги претвори во изолирана партија. Но со ваквите повремени телевизиски или фејсбук-појавувања во јавноста можеби ѝ прави одредена штета на актуелната власт бидејќи демократската јавност во земјава сè уште не доби одговори од одговорните институции како беше можно таков политички капиталец, правосилно осуден на двегодишна казна затвор и плус инволвиран во низа други сериозни обвиненија, така лесно да ја напушти земјата. Секоја негова појава ја иритира јавноста“, вели професорот од Факултетот за безбедност Никола Дујовски. Тој, сепак, оценува дека со текот на времето ќе слабее силата на неговата привлечноста за јавноста.

Интервјуто, според него, е некаква бледа терапија за неговите поддржувачи од ВМРО-ДПМНЕ.

„Без оглед на сите предупредувања и од домашната и од меѓународната јавност, најголемата опозициска партија политички не созреа. Самиот Груевски вели дека 90 отсто од луѓето сè уште му се лојални, иако нагласува дека на десетина луѓе што им помогнал му го завртеле грбот. Лично не верувам дека претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ ќе помине низ партиските филтри и без согласност на Груевски. Тој сè уште е вистинска адреса каде што може да се бара поддршка, но не и за Филип Петровски бидејќи неговите шанси за кандидат за претседател се никакви. Сметам дека тој не ја говори вистината кога вели дека нема контакти со раководството на партијата и дека не се меша во одлуките на партијата. Напротив, мислам дека тој им дава одредени насоки и соодветни политички директиви. Тие не успеаја да остават свој препознатлив политички белег и да се оттгрнат од неговата сенка“, нагласува Дујовски.

Два дена пред емитувањето на интервјуто на Груевски, тој беше споменат речиси паралелно од обвинителката Русковска и премиерот Зоран Заев. Цитирајќи ги зборовите на загрозениот сведок, дадени зад затворени врати, Русковска првпат откри во својот завршен збор дека експремиерот бил организатор на упадот во Собранието на 27 април. Груевски тоа го демантираше во интервјуто.

Премиерот во интервју за регионалната телевизија Н1 рече дека значајно е да се напомене дека пред бегството шефот на ВМРО-ДПМНЕ и наследник на Груевски бил и кај Орбан и кај претседателот Вучиќ и дека таа информација е позната и објавена, но дека јавноста остана без објаснување за што се разговарало на тие средби.

Од неговата партија СДСМ вчера порачаа дека Мицкоски потврдил дека го чека својот шеф од Будимпешта за нов заговор против Македонија, откако овој во интервју за Радио Слободна Европа, рече дека требало ВМРО-ДПМНЕ да победи на избори, да формира влада, па потоа чекор по чекор да се оди на менување на процесите кои произлегуваат од договорот од Преспа. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, кажаа дека интервјуто е дадено во прво лице еднина и нема што тука да дополнат.

Бегството на Груевски сè уште е во предистражна постапка. Институциите и натаму не објавуваат ништо во врска со бегството на најпознатиот политички азилант, иако такво нешто беше одамна најавено. Сега повторно се најавува дека обвинителот што ја води предистрагата нареднава недела ќе излезе во јавноста со досега сработеното.

Во меѓувреме се потврди дека главните снимки од Албанија за тоа како тој ја напуштил македонско-албанската граница не постојат. Албанија по скоро двомесечен молк на крајот кажа дека автоматски се избришале.

 

Албанската полиција молчи за избришаните снимки

Генералниот директор на албанската полиција Арди Велиу одби да одговори на прес-конференција на прашањето на новинарите дали е вистина дека албанските власти не ги доставиле снимките од камерите за бегството на Никола Груевски бидејќи тие наводно се избришани.

„Предмет на прес-конференцијата не е тоа прашање. Ние немаме информации за ова прашање“, изјавил Велиу, пренесе тиранската телевизија Ора њуз.

Прес-конференцијата одржана во Тирана беше посветена на големата акција во која беа уапсени 32 лица меѓу нив и полициски службеник, кои се занимавале со недозволена трговија со луѓе од Албанија кон западноевропските земји и САД.

Телевизијата потсетува и на изјавата на обвинителот Јовевски дека снимките не биле намерно скриени туку албанскиот систем за надзор ги отфрлил автоматски старите снимки.

Само два дена пред изјавата на македонскиот јавен обвинител Љубомир Јовески, албанските медиуми објавија дека албанските власти на своите колеги во Скопје ќе им ги достават снимките од бегството кои се обезбедени од сигурносните камери на грачените премини во кои е снимен и моментот кога Груевски влегува во автомобил и ја минува границата меѓу Македонија и Албанија.

Наум Котевски