Бројчаникот не може да врти на празно


Пред почетокот на летната судска „ферија“, која започнува на 15 јули и ќе трае до 15 август, не се очекува ниту една правосилна пресуда од случаите што ги води специјалното јавно обвинителство, а кои главно се однесуваат на обвинувања за работата на поранешни функционери на владата и на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа значи дека дури и да им биде докажана вина, не може да има враќање на средства во буџетот, а тоа, пак, значи дека нема ниту абер од бројчаникот на Триумфалната капија во центарот на Скопје, кој драматично се најавува веќе две години. Во јавноста и онака се поставуваат низа прашања околу начинот на кој ќе се враќаат украдените пари од буџетот, како и каде ќе се трошат, односно дали новата влада ревносно и транспарентно ќе дава отчет за потрошените средства.

Бројчаникот на триумфална капија јас ќе го платам од свој џеб, нема за него ставка во буџетот. Тој наскоро ќе почне да врти, судовите ќе почнат наскоро да носат пресуди за случаите што ги води СЈО, а наскоро и ОЈО. Сѐ што е украдено ќе се врати, имајте трпение, сѐ што сум кажал се остварило, па така и ова“, повтори премиерот Зоран Заев неодамна.

Бројчаникот беше едно од предизборните ветувања на СДСМ и на коалицијата со кое тврдеа дека ќе вратат сѐ што украла фамилијата. Според проценките на актуелната власт, станува збор за 800 милиони франци, кои биле лоцирани и наскоро ќе биле вратени во Македонија. Сепак, реалноста е дека двете обвинителства, Основното (редовното) и специјалното досега не успеаја да завршат ниту една постапка, поради што нереално е да се очекува пред плоштадот „Македонија“ да никне калкулатор.

Ниту еден предмет не е при крај, а не завршен. Гледате дека едвај фаќаат некаков тек. Нема судска разврска, не е стигнато до самите финансиски побарувања“, вели адвокатот Звонко Давидовиќ.

Поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски пред две недели беше осуден на девет години затвор за злоупотреба на службената положба при набавката на 300 полициски возила за потребите на МВР, а притоа треба да врати 450.000 евра, за колку што, според судот, го оштетил буџетот. Новинарката Ивона Талевска доби условна затворска казна за затајување данок и требаше да врати 50.000 евра во буџетот. Двете пресуди се првостепени, претстои процес на жалби и одлучување пред Апелацискиот суд. Експремиерот Никола Груевски беше осуден на две години затвор во случајот „Тенк“ за примање награда за противзаконито влијание, но тука не можеше да се побара враќање на средства во буџетот.

Специјалното јавно обвинителство најави дека во случајот „Титаник“ ќе побара Груевски и неговите соработници солидарно да ѝ вратат на државата 2,2 милиони евра ако Кривичниот суд ги осуди за виновни. Се работи за обвинението на СЈО во кое пишува дека обвинетите како организатори на изборните кампањи користеле пари од неидентификувани извори. Во случајот „Талир“, СЈО побара замрзнување и на дел од имотот на партијата, меѓу кои и на зградата во која е штабот на ВМРО-ДПМНЕ.

Најголемиот дел од предметите или не се почнати или се во почетна фаза, рочиштата постојано се одложуваат и презакажуваат. Најоптимистичните проценки на поддржувачите на власта се дека до крајот на летото би можело да има една до две пресуди против поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, но и во тој случај постапката ќе се развлече наесен, па и следната година.

Од друга страна, во политички кругови неофицијално се зборува дека веќе се враќаат злоупотребени пари, но нејасно е на кој начин, кога и каде. Адвокатите велат дека земање пари надвор од судот е кривично дело, затоа што или станува збор за рекет во стилот: дај ги парите што си ги украл, за да не ти судиме, или за изигрување на судската власт со тоа што некој одредил дека некој е виновен и ќе настрада без воопшто да се влезе во судница.

Специјалната обвинителка Ленче Ристоска вчера изјави дека роковите се најголем непријател на СЈО, но оти треба да се знае дека обвинителството води и голем број предистражни и истражни постапки.

Имаме меѓународни предистражни постапки кои бараат повеќе време и во таа смисла треба да се има предвид времето за донесување на конечни одлуки на СЈО“, изјави таа.

Според неа, работата на СЈО имала реперкусија врз целиот правен систем, а прислушуваните разговори станале докази и се дел од правосудниот систем. Најави оти и во иднина ќе отвораат истраги, иако, според досегашните закони, не смеат да покренуваат обвиненија. Оттаму сметаат дека мора да се внимава со трансформацијата на СЈО затоа што најважно е да се разграничат надлежностите на Специјалното обвинителство и оние на обвинителството за организиран криминал и корупција. Детектиран е и недостиг од педесетина обвинители во Основното јавно обвинителство од причина што дел се пред пензија, а дел се преселија во Специјалното обвинителство. Во Академијата за судии и јавни обвинители во моментов има само 15 кандидати на обука.

Горан Адамовски