Братот на Сашо Мијалков дал оставка од местото советник на директорот на Царината
Влатко Мијалков, братот на Сашо Мијалков и братучед на Никола Груевски, кој го советуваше директорот на Царинската управа, поднел оставка на функцијата, потврдија оттаму за „Макфакс“. Од Царина додаваат дека оставката била на негово барање и не сакаат да споделат повеќе информации, за како што велат, да не му се нарушела приватноста.
Влатко Мијалков му беше советник на директорот на Царинската управа со години. Неговиот глас го имаше во многу од прислушуваните материјали. Тој во една од бомбите разговара со сопругата на ексминистерот за правда, Михајло Маневски, Филимена, за Тереза Блажевска од скопска Апелација која треба да му помогне за конкретен предмет, a во друга бомба, Влатко Мијалков и Миле Јанакиески разговараат како да уценуваат вработени во Царинската управа да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.