Божик во сивата зона на црквата


Секој грев оддалечува од Бога, па затоа потребно е да се спротивставуваме на секое зло трудејќи се преку вера и добри дела да ја возобновиме заедницата со нашиот Создател. Бог го очекува нашето поправање, очекува да го отфрлиме гревот, па преку покајанието духовно да се препородуваме и воздигнуваме.

Ова е дел од божикното послание на архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан што го испрати до верниците. Тој ги повикува да го отфрлат гревот и да се покаат, но не гледа никаков грев во имотите што ги поседува црквата и со чие управување, според црквата, не се нарушени ниту државните закони ниту Божјите заповеди. И оваа година верниците ќе го дочекаат раѓањето на Исус Христос во храмовите што работат во сивата зона, надвор од законите кои важат за обичните граѓани. Управата за јавни приходи кон крајот на минатата година соопшти дека води постапка за да се утврдат состојбите во рамките на МПЦ. Службите на УЈП вршат проверка, утврдување и оценување на состојби што се од важност по однос на даноците, но засега нема детали што утврдиле инспекторите и дали конечно некој ќе каже што точно поседува МПЦ и како се финансира.

„Секоја дополнителна информација во овој момент би значела прекршување на Законот за даночна постапка во делот на даночна тајна“, е последната информација од Синодот. Ставот на МПЦ е дека тие не подлежат на такви контроли бидејќи Македонската православна црква е регистрирана во Централниот регистар како непрофитна организација и со години по ред не поднесува завршна сметка. Сепак, црквата си има т.н. таксеник и за секоја услуга има своја тарифа, за која секако не плаќа данок. Познавачите коментираат дека државните органи треба да проверат што точно поседува МПЦ.

Професорот по социологија на религијата Зоран Матевски предлага црквата да стане дел од државата и наместо грдата слика верниците да оставаат пари по икони и по каси, да се стави во рамките на оданочувањето.

„И кај нас треба да се направи систем како оној во повеќе европски земји – тој што е верник да плаќа дел од вкупните примања за црквата, како што се плаќа здравствено и пензиско осигурување, секако ако сака. Тоа за мене е најдобро решение и на тој начин ќе се фискализира МПЦ“, вели Матевски. Тој вели дека вакви практика има во Швајцарија, Белгија, Франција, во Германија и во други земји во светот и со тоа и црквата има постојани примања. Но во Синодот нема единствен став за ова решение. Освен приходите од верниците, никој не знае точно што поседува МПЦ и какви бизниси има со оглед на тоа дека поседуваат хотели, ресторани и манастири кои функционираат како некој вид религиски туризам. Нејасно е и како земаат и каде одат парите од студентите кои учат на Богословскиот факултет кој е под надлежност на Синодот на МПЦ и не е постојан член на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Освен ова, црквата поседува и центри за лекување на зависници од дрога, што се плаќа како целосен третман, пансионски.

Иако МПЦ тврди дека се финансира од парите на верниците, сепак во изминативе години црквата беше во центарот на неколку финансиски скандали. Државата им го продаде со непосредна спогодба својот доминантен дел од ултраатрактивната парцела спроти Градскиот трговски центар на фирмите „МГ фешн“ и „Обновители“. Првата е во сопственост на Зоран Антиќ, а втората, исто така, на Антиќ, но и на Македонската православна црква, која, ако се реализира проектот, ќе стане побогата за деловен простор и станови во вредност од неколку милиони евра. Вкупната површина на градежната парцела, каде што ќе никнат неколку згради од по 30 метри наместо 60-катници, како што предвидува Деталниот урбанистички план кој е под мораториум, изнесува 13.653 квадратни метри. Од целата зделка ќе се офајди и Македонската православна црква од каде што тврдат дека не учествувале во купување на никакво државно земјиште. Тие поседувале локација на истата парцела на која треба да се гради и која им била вратена со денационализација во 2009 година.

Свештениците помагаат тајно

Сликата за црквата што ја имаат верниците, за богати попови со скапи автомобили и џипови, во последните неколку години се обидуваат да ја сменат неколку свештеници. Отец Оливер е член на хуманитарната организација на скопската епархија при МПЦ – ОА. Тврди дека тие не се активираат само за празниците туку континуирано им помагаат на 200 семејства.

„Тие примаат континуирана помош во храна и во хигиенски средства, до декември минатата година имавме четири проекти за реновирање на домови, два опожарени во Драчево, еден во Крива Паланка, еден во Кисела Вода“, вели отец Оливер. Последната акција на оваа организација е „Подари пакетче, подари љубов“ и сега од 6 јануари, на Бадник, организацијата ќе дели пакетчиња во државната болница на Детска клиника – Козле, „СОС детско село“, Центрите за Даунов синдром, односно секаде каде што децата најмногу ќе се израдуваат. Отец Оливер вели дека нивната организација не работи со финансии и не донира пари, туку набавува материјали од фирми и стоваришта и така им помага на семејствата на кои им треба помош. Киријата, струјата, водата, телефонот, горивото, канцелариските материја ги плаќаат лично од свој џеб.

Засега се задоволни од помошта што ја добиваат од МПЦ. Секој месец црквата одвојува храна и масло за јадење кои им ги предава од 1 до 5 во месецот.

„Ние како организација се појавуваме постојано во јавност за да го стимулираме народот да почне да донира и да им помага на своите браќа и сестри додека МПЦ претежно ова го прави во тајност“, вели отец Оливер. Тој тврди дека има многу свештеници што донираат и помагаат, но не излегуваат во јавност, а неофицијално самиот архиепископ минатата година им има платено струја на неколку семејства.

Фросина Факова-Серафиновиќ