Бесплатното лекување е добро само за џебот на пациентите, ако има кој да ги лекува


Прво, од каде пари во буџетот, второ зошто бесплатно болничко лекување кога светските трендови одат кон тоа пациентите повеќе да се лекуваат во дневна амбуланта, а во болница да лежат само тие што навистина мораат. Мерката не е приоритет пред другите, поголеми проблеми има во здравството… Вакви се првичните реакции откако премиерот Зоран Заев најави дека по Нова година ниту еден граѓанин нема да плаќа за болничко лекување.

Тоа значи дека пациентот нема да дава пари само доколку лежи во болница од јавното здравство, но како и досега, ќе плаќа партиципација за прегледи, снимања, лабораторија…

Владимир Лазаревиќ, „Хелтгрупер“

Од „Хелтгрупер“, организација за размена на информации од здравството, велат дека вакво ослободување се применува во малку земји. Како пример го посочуваат емиратот Абу Даби, кој располага со 10 отсто од светските резерви на нафта и може да си дозволи бесплатно лекување за своите државјани.

– Сите истражувања укажуваат на тоа дека укинувањето на партиципацијата е блиску поврзано со зголемувањето на стапката на (медицински неоправдана) хоспитализација. Тоа е од причини што повеќе нема да има контролни механизми кои ќе ги спречат граѓаните, посебно постарите, да одат во болница. Со сигурност може да се очекува зголемување на волуменот на пациенти во болниците. Со самото тоа ќе се зголемат и трошоците за лекување – велат од „Хелтгрупер“.

Според нив, вообичаено е вакви решенија да бидат оправдани преку издржани анализи каде што ќе се видат неколку клучни параметри: колкав е сегашниот приход од партиципацијата, каков е очекуваниот ефект од оваа мерка, за колку проценти се очекува да се зголемат болничките лекувања и кој ќе ги покрие трошоците за ова лекување.

Заев вчера појасни дека за оваа мерка ќе ја чини државата околу 7,6 милиони евра.

– Тоа е партиципацијата која граѓаните ја плаќаат за болничко лекување, односно за останување во болница. Тие пари ќе ги покрие државниот буџет – изјави Заев.

Поранешниот министер за здравство Арбен Таравари вели дека мерката е добра за џебот на пациентите. Но, потсетува дека здравството има други, поголеми проблеми.

– Идејата ми се допаѓа, така беше и во поранешна Југославија. Малку е утопистичка во општество како нашето и сигурно ќе го зголеми престојот на пациенти во болница и ќе го зголеми трошокот за болничко лекување. Во моментов има други, поважни работи: цели одделенија во болници се затвораат оти нема доктори, има оддели само со двајца доктори кои дежураат и по десет пати месечно, медицинскиот кадар се уште е незадоволен од платите – изјави Таравари.

Организацијата „Фајнанс тинк“ ги истражуваше ефектите од инвестициите во јавното здравство за периодот 2010-2016 година. Утврдено е дека во наведениот период расходите во здравството се, во просек, по 4,9 отсто од БДП. Македонија е меѓу земјите во регионот и во Европа што котираат најниско според тоа колку средства одделува за здравството. За анализираните шест години, бројот на услуги за хоспитализација во континуитет растел. Исклучок е само 2015 година.

„Намалувањето на болничкото лекување на сметка на амбулантското лекување, кое од една страна го намалува трошокот за лекување, но истовремено и ризикот за дополнителни интрахоспитални инфекции, е цел на сите здравствени системи. Оттука и очекувањата дека инвестициите ќе придонесат за намалување на болничкото лекување. Од податоците може да се види дека во Македонија тоа не е случај“, стои во студијата „Ефектите од инвестициите во јавното здравство 2010-2016“.

Сега, болничкото лекување е бесплатно за пензионерите и за децата на приматели на социјална помош. Со години наназад ослободување од болнички трошоци бараат и родителите на деца постари од три години, кои законот не ги ослободува, а поради возраста мораат да имаат придружба доколку останат во болница.

Бесплатно болничко лекување за сите беше меѓу мерките во изборната програма на СДСМ.

С.С.З.

Хелтгрупер“: Ќе се зголемат листите на чекање, ќе профитираат приватните болници 

Приватните болници ќе профитираат од предложената мерка на Владата бидејќи ќе се зголемат листите на чекање во државните болници, што ќе ги принуди пациентите да се лекуваат повеќе во приватното здравство, покажуваат анализите на „Хелтгрупер“.

Преку укинувањето на партиципацијатата, односно бесплатното болничко лекување што го најави Владата, ќе се зголемат листите на чекање во државните болници, што ќе ги принуди пациентите да се лекуваат повеќе во приватното здравство. Приватните болници ќе профитираат од предложената мерка. Ова значи дека, зголемената побарувачка на услуги ќе отвори нови пазарни можности за приватниот сектор да ги зголеми цените на услугите кои ги нуди. На тој начин, директниот резултат од укинувањето на партиципацијата всушност ќе се одрази врз џебот на граѓаните во наредните 12-24 месеци, предупредуваат од организацијата.

„Светските искуства, како и истражувањата кои ги спроведуваат експертите на „Хелтгрупер“ укажуваат дека ваквата мерка може да резултира со сосема спротивни ефекти од очекуваните. Конкретно, партиципацијата е механизам кој има за цел да го ограничи прекумерното (и често не потребно) лекување во болниците. Таа мерка се воведува насекаде во светот, и ја користат дури и најбогатите држави како што се Германија, Јапонија, САД и други. Кога ќе се укине партиципацијта, автоматски се очекува да се зголеми побарувањето на здравствените услуги, а тоа ќе се одрази на снабдувањето со здравствени услуги. Новата ситуација ќе ги принуди „снабдувачите„ поточно болниците од причини што нема да може да одговорат на зголемената побарувачка да воведат нивни рестриктивни мерки во форма на продолжено време на чекање за лекување. Поранешните истражувања на Хелтгрупер имаат документирано дека една од клучните причини поради кои пациентите се одлучуваат за лекување во приватните болници е да го скратат времето на чекање“, велат од „Хелтгрупер“.