Беса на Касами: Не коалицираме со СДСМ, ќе предложиме уставни измени
Анализирајќи ја актуелната политичка ситуација во земјата и епилогот од референдумот на 30 септември, Движењето Беса оценува дека политичката одговорност за високите државни интереси му припаѓа на сегашниот парламентарен состав, кој треба да даде можност за отворање на процесот на уставни промени.
Сметаме дека е историски момент ако се отвори прашањето за уставните промени. Движењето Беса ќе даде конкретни и концизни предлози во врска со унапредувањето на уставните права на Албанците во Македонија како втора по големина етничка заедница во земјата, се наведува во соопштението од т.н. тетовско крило на Беса.
Во духот на овие барања кои се во интерес на Албанците во Македонија, движењето Беса апелира до сите албански политички партии дека преку политичкиот дијалог и обврските што произлегуваат од заедничката маса на албанските парламентарни партии да ги координираат прашањата од национален интерес на Албанците.
Имајќи го предвид фактот дека во јавноста циркулираат информации дека Македонија може да влезе во предвремени парламентарни избори, движењето Беса категорично ја отфрла можноста за предизборна коалиција со СДСМ, оценувајќи дека секоја коалиција на СДСМ со која било албанска партија, без да ги заокружи уставните права на Албанците како еднакви граѓани во Македонија, би била штетна за интересите на Албанците.
Движењето Беса, како опозициска партија, како што се наведува во соопштение од кабинетот на Билал Касами, е отворено за соработка со сите албански политички сили, невладини организации, како и со групи на интелектуалци кои имаат приоритет максимализирање на албанскиот глас како единствена можност за квалитетна и достоинствена политичка застапеност на Албанците во Македонија.