Барање за амнестија поднел и ексдиректорот на УБК


Петмина од вкупно 33 обвинети за упадот што се случи во Собранието минатата година нема да поднесат барање за амнестија. Правда од судот ќе чекаат оперскиот пејач Игор Дурловски, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, неговиот советник Душко Лазаров и обвинетите Игор Југ и Јане Ченто. Во Кривичниот суд досега стигнале 29 барања за амнестија во кривичниот оддел за организиран криминал, петмина обвинети не побараа амнестија, па едно барање остана вишок. Дополнителното барање за амнестија го поднел поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Адвокатот на Атанасовски, Јордан Апостолски за Независен потврди дека барање доставил и екс директорот на УБК. Апостолски вели дека со оглед на тоа што неговиот клиент е во притвор во затворот во Шутка, не успеал да се види со него и да се консултира, па барањето го поднел без негова дозвола, за секој случај. Адвокатот очекува да се видат утре и ако не се согласува со барањето, тој ќе го повлече.

Атанасовски беше приведен на барање на обвинителката Вилма Русковска по сведочењето на браќата Стефан и Михаил Младеновски, кои во својата одбрана обелоденија дека упадот во Собранието го организирале структури од Управата за безбедност и контраразузнавање, на чие чело тогаш беше Атанасовски. Обвинителството го гони за кривично дело здружување заради непријателска дејност, а според Законот за амнестија, кој го донесоа пратениците, помилување нема да има за оние кои се товарат за ова кривично дело. Истрагата за Атанасовски сè уште е во тек и тој не е дел од најголемото судење што се води во овој предмет.

Денеска завршидоказната постапка за 27 април, а за на 15 јануари се закажани завршните зборови. По спорот околу одлучувањето за барањата за амнестија, односно дали тоа ќе го прави судечкиот совет на чело со судијката која го води предметот, Добрила Кацарска или кривичен совет – сè уште нема одлука. Барањата за амнестија се наоѓаат кај судијката Кацарска но официјално се уште не се знае кој ќе пресече за амнестијата. (Ф.Ф.С.)