Апсурдна одбрана: Вељановски бил надлежен само да гледа како тепаат


Додека ги тепаа неговите колеги пратеници и новинарите на 27 април минатата година, тогашниот прв човек на Собранието, Трајко Вељаноски, седел во својот кабинет, гледал на телевизија што се случува во законодавниот дом и не реагирал.

Според неговите толкувања, тој како претседател на Собранието се грижел само за водењето на пленарните седници и за почитувањето на Деловникот, а за редот во Собранието се грижело внатрешното и надворешното обезбедување на Собранието, кое било во надлежност на Министерството за внатрешни работи. Иако гледал дека се тепаат пратеници и новинари, тој не му се јавил ниту на министерот за внатрешни работи, ниту на директорот на Бирото за јавна за безбедност, ниту на некој од началниците. Сметал дека МВР си имале свои надлежности и доколку тој би се вмешал со своите би можело да се случи поголем хаос. Не можел како долгогодишен претседавач да излезе од кабинетот и да интервенира во прес салата бидејќи за неговото движење одлучувало обезбедувањето кое, според сведочењето на Вељаноски, не успеало да ги спречи демонстрантите да влезат во неговиот кабинет.

Судијката Добрила Кацарска констатираше дека Вељаноски испраќа порака дека на крвавиот четврток единствено се грижел да не седне некој друг на неговото претседавачко место. Вељаноски не одговори конкретно, но рече дека на тоа место не може да седне секој, на кој ќе му текне.

Одговарајќи на прашањата на судијката, Вељаноски рече дека не знаел дека во Собрание има маскирани лица и уште „не 102 отсто, како Амди Бајрам, туку 1.000 отсто“ бил сигурен дека во неговиот кабинет не влегло ниту едно маскирано лице.

Обвинетите гневни на Вељаноски

Сегашниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се појави во суд како сведок на неговиот личен телохранител, Горан Ѓошевски – Леви, а обвинетите и судијката го испрашуваа речиси четири часа. Тој негираше дека неговиот телохранител го известил дека во Собрание следниот ден ќе дојдат лица од УБК кои ќе ги земат снимките од собата за мониторинг. Иако дента кога се случи крвавиот четврток тој не нашол причина да се јави на директорот на БЈБ, сепак му се јавил по десетина дена и разговарале за дисциплинската постапка што се водела во МВР против неговиот телохранител.

Речиси сите обвинети што се во притвор станаа и му поставија прашања на поранешниот претседател на Собранието, гневни затоа што оние што го смислиле упадот во Собрание се слободни, а тие скапуваат во затвор. Обвинетиот Јане Ченто, но и другите обвинети, го прашаа Вељаноски дали ако вратите во Собранието не биле отворени од внатрешната страна што, според процедурите се штитело со обезбедување од прв степен, толпата ќе влезела внатре. Сепак, Вељаноски не одговори конкретно на ова прашање. Рече дека судот во постапка треба да утврди кој ги отворил вратите во Собрание, а лично тврдеше дека ниту дал наредба ниту преку СМС-пораки и вибер-комуникација му пренел на некој од пратениците порака да ги отвори вратите. Како искусен политичар и долгогодишен претседател на Собранието, Вељаноски одговараше смирено и со смислен одговор за сведочењето на обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, кој пред судот обелодени дека поранешната заменик-министерка за правда Билјана Бришкоска од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ телефонски комуницирала со него и му дала наредба која потоа ја пренел токму тој – да се отворат вратите од парламентот и да влезе народот внатре. Обвинетиот Никола Митровски-Кољо, кој ги предводеше маскираните лица во Собранието, не можеше да го сокрие својот гнев кон Вељаноски и неколку пати му рече „ова не е смешно што ве прашувам, ова е тажно. Дали имате грижа на совест за тоа што се случи, ја знаете вистина, а не ја кажувате“.

Сите обвинети што се во притвор сакаа да добијат потврда од него дека политичките елити што учествувале во крвавиот четврток сега калкулираат, а оние што немаат со што да калкулираат останале во притвор. Обвинетиот Игор Југ го праша Вељаноски: „Култната група ‘Металика’ има издадено албум под наслов ‘Господар на куклите’. Дали на 27 април политичарите беа господарите, а ние што сега сме во затвор сме куклите?“

„Политичарите си ја водат политиката, исправна или не, а народот на избори ќе каже кој политичар што направил“, му реплицираше ексспикерот.

Главниот став на Вељаноски за прашањето на обвинетите беше дека тој како сведок пред судот мора да ја кажува вистината, а дека обвинетите не се кривично обврзани пред судот да ја зборуваат вистината и во својата одбрана може да кажат и невистини и озборувања само да се одбранат.

Што се случувало пред кабинетот на Вељаноски на 27 април?

Во сведочењето Вељаноски го опиша Ѓошевски како голем професионалец. Дента на 27 април ситуацијата во Собранието, како што кажа Вељаноски, била цел ден тензична. Тензијата кулминирала нешто пред 18 часот кога пратеникот Крсто Мукоски почнал да ја пее македонската химна, а потоа пратеникот Зекирија Ибраими излегол на говорница и ја пеел албанската химна. Никој од пратениците не ја напуштал седницата, но сепак Вељаноски ја напуштил пленарната сала и отишол во својот кабинет надевајќи се дека пратениците ќе си заминат. Потоа за претседател на Собранието беше избран сегашниот претседател Талат Џафери, по што се случи упадот во Собранието.

Од снимките на безбедносните камери пред кабинетот на претседателот што беа прикажани во судницата како докази на обвинителството можеше да се види дека обвинетите Никола Митревски-Кољо, Михаил Младеновски, Стефан Младеновски, Митре Питроповски и други обвинети со качулки на главите биле добредојдени во Собранието на 27 април минатата година. Обезбедувачите на тогашниот собраниски спикер Трајко Вељаноски – Иван Цветановски и Горан Ѓошевски, заедно со Елена Божиновска-Доцевска, која тогаш беше соработничка на Вељаноски, ги пречекуваат лицата со качулки и ги упатуваат преку холот во прес-центарот на Собранието, каде што се случија најкрвавите напади врз пратениците и новинарите.

По маскираните лица, во Собранието влегуваат и толпа граѓани, а меѓу нив е обвинетиот Јане Ченто. Тој се поздравува со обезбедувачот на Вељаноски, Иван Цветановски. Толпата добива аплаузи, а еден од обвинетите, Влатко Трајковски, влегува во кабинетот на Вељаноски.

Рамка

Русковска се скара со адвокатката на Леви

Сведочењето на поранешниот собраниски спикер ги скара обвинителката Вилма Русковска и адвокатката на обвинетиот Горан Ѓошевски-Леви, личниот телохранител на Вељаноски. На едно од прашањата што му ги постави адвокатката на Вељаноски, што можел спикерот да побара од својот телохранител, Русковска искоментира: „Да побара од Кољо да ја отвори вратата кон прес-центарот“.

На ова бурно реагираше адвокатката, а обвинителката доби опомена и од судијката. Додека Русковска го испрашуваше Вељаноски, го потсети и на црниот понеделник, односно на 24 декември, кога според неа, по наредба на Вељаноски беа тепани и брутално исфрлени од собраниската сала опозициските пратеници и новинарите. Адокатката ја обвини Русковска дека поставува провокативни прашања и дека сведокот е повикан да зборува за 27 април, а не за други настани и ги спомена протестите на „Шарената револуција“, чиј учесник беше таа. Вељаноски за црниот понеделник рече дека тој бил исфрлен од претседателското место и дека бил уништен системот од страна на пратениците на опозицијата.

Фросина Факова-Серафиновиќ