Анѓушев на Самит на ЕБОР: Формирање на еден заеднички енергетски пазар е иднината на регионот


Енергетската иднина на земјите од регионот на Западен Балкан вицепремиерот Кочо Анѓушев ја гледа во создавање на еден заеднички енергетски пазар, без административни граници.

– Доколку сакаме одржлив енергетски систем во регионот, верувам дека формирање на еден заеднички енергетски пазар, единствена регионална берза и воведување на универзален снабдувач за електрична енергија и гас е вистинско решение. Додека не стигнеме до тоа решение владите треба да работат на унапредување на меѓусебната соработка и отстранување на административните бариери за слободен проток на енергија, потенцира тој, обраќајќи се на панелот „Одржлив регионален енергетски модел“, во рамки на „Инвестицискиот самит за Западен Балкан“, кој се одржува во седиштето на Европската банка за обнова и развој во Лондон .

Додаде дека македонската Влада е посветена на намалувањето на зависноста од увоз на електрична енергија, како и зголемување на домашното производство, особено од обновливи извори на енергија.

– Република Македонија е земја со голем потенцијал за производство на електрична енергија од обновливи извори, особено користејќи го сонцето како извор. За таа цел планираме во наредните години да ја зголемиме инсталираната моќност во фотонапонски централи за дополнителни 200 мегавати, што е зголемување за околу 1.200 проценти и дополнителни 50 мегавати во ветерни електрани, преку воведување на модел на „Премија“, истакна Анѓушев.

За одржување на енергетската стабилност на Република Македонија Владата паралелно ќе работи на повеќе проекти со кои ќе се зголеми домашното производство, ќе се влијае на поздрава животна средина и ќе се намали зависноста од увозот.

– Не можеме да се потпреме само на обновливите извори на енергија, бидејќи природата е непредвидлива и мора да имаме производство кое ќе обезбедува оптимална електрична енергија за потребите на потрошувачите. Паралелно ќе работиме на ревитализација на постоечките термо централи, за производство на електрична енергија од високо калоричен јаглен, со што ќе влијаеме позитивно на заштита на животната средина, рече Анѓушев.

Додаде дека ќе се работи и на зголемување на обновливите извори на енергија и тоа 200 мегавати во нови фотонапонски централи, изградба на нови мали хидро централи, како и изградба на нови 50 мегавати во ветерни централи. Очекуваниот капацитет во нови извори за енергија, рече, би бил околу 400 мегавати.