Антикорупциската комисија под истрага


Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет по допрен глас ​за членовите на Државната комисија за спречување на корупција за трошењето буџетски средства.

– По објавите во медиумите, обвинителството презема дејствија за утврдување на фактите во предметот, за прибирање на податоци и на потребната документација од Управата за јавни приходи и други релевантни институции, соопштуваат од Основното јавно обвинителство.

Како што објавија медиумите, ревизијата на Управата за јавни приходи констатирала нерегулараности во работењето на Антикорупциската комисија, каде што нејзини членови ненаменски трошеле буџетски средства. Во ревизорскиот извештај било констатирано дека на членови од Комисијата им биле исплаќани патни трошоци за доаѓање на седници, а исплатата се вршела врз основа на неверодостојни патни налози. Потоа, некои од нив воопшто не доаѓале на работа, туку само на седници, и биле поднесувани по три патни налози за ист ден.

За случајот реагираа и од Владата, од каде што бараат одговорност од членовите на Антикорупциската комисија.

– Владата на Република Македонија го следи принципот на нулта толеранција за корупција. Во изминативе седум месеци покажавме дека не постои толеранција кон именуваните функционери кои имаат покажано неодговорно трошење на парите на граѓаните и сите кај кои беше утврдена таква состојба понесоа одговорност. Истовремено, Владата постојано укажува дека одговорното трошење на буџетските пари треба да биде почитувано од сите јавни функционери како што беше примерот со Државната изборна комисија. Очекуваме дека и членовите на Антикорупциската комисија ќе го следат принципот на нулта толеранција за корупција и ќе покажат одговорност имајќи ги предвид последните случувања и имајќи предвид дека тоа е суштината на нивната работа, велат од Владата на Македонија.