Адеми и Шилегов бараат да нема поделби меѓу професорите во Хемиско
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов изјави дека не е нарушен образовниот процес со тоа што вчера за нов в.д. директор на средното хемиско-технолошко училиште „Марија Склодовска-Кири“ назначил Албанец, што денеска предизвика бојкот на наставата од професори и ученици од македонските паралелки. Тие претпладнето дојдоа на училиште, но не одржуваат часови, најавувајќи дека бојкотот ќе го продолжат и во наредните денови.
Незадоволни се од тоа што одлуката била донеена без нивно занење и консултација, а револтирани се од тоа што по именувањето на в.д. директорот на социјалните мрежи, наводно, се појавиле коментари: „победивме, го зедовме Хемиско“.
„Вчера именував в.д. директор кој ги исполнува сите законски услови, без разлика на етничката припадност. Мислам дека нема простор за револт, ниту за каков било триумфализам. Политиката не смее да влезе во училиштата и јас како градоначалник тоа нема да го дозволам, изјави Шилегов.
Тој појасни дека според законот, Градот Скопје нема обврска да го консултира одборот.
„Тоа не дава право никому, особено не на наставниот кадар, да изразува револт на таков начин. Повикувам да ги нормализираат односите и процесот на образование, бидејќи не ни е потребно преземање и правење ситуација онаму каде што навистина нема простор“, рече Шилегов.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми вели дека не ги знае деталите за случајот, но нагласи дека во образованието не треба да се креираат тензии и поделби.
„Треба да сме заинтересирани за квалитетот на образовниот процес. Не ни треба триумфализам, туку посветеност за реализација на квалитетен образовен процес. Ако има простор за каква била одговорност, ќе ја побарам. Но, бидејќи не сум во детали информиран, можеби е потребна средба со наставниците и со сите засегнати страни во овој случај“, рече Адеми, додавајќи дека не добил барање од училишниот одбор.
Назначениот в.д. директор е од професорскиот кадар од наставата на албански јазик во училиштето, во кое од прва до четврта година има вкупно 28 паралелки на македонски наставен јазик.