Ќе се преполови бројот на нови згради во Маџир Маало

Новите згради во Маџир Маало ќе се преполоват и место да се напикаат објекти за 3.000 луѓе, Деталниот урбанистички план ќе предвидува изградба на станови само за половина. Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, денеска информираше дека општината издала 21 одобрение за градба на нови згради, откако почна мораториумот во декември минатата година. Во нив не влегува Маџир Маало, каде што планот е сè уште на ревизија. Тој е во колизија со Генералниот план, според кој на овој дел можат да живеат само 1.500 нови жители.

Богдановиќ информираше дека Општината издала 13 одобренија за згради кои ќе се градат по спорните детални урбанистички планови. Едно од нив е и одобрението за градење на комплексот кај Стара железничка станица со подземниот дел на Јужниот булевар, кое го гради турската компанија „Лимак“. Тие, според Богдановиќ, Општината морала да ги издаде бидејќи постапките биле почнати пред мораториумот, а тој не може да важи ретроактивно. Осум одобренија, пак, се издадени за нови објекти кои ќе се градат според трите детални планови кои не се дел од мораториумот, тоа се „Градска четврт Ј07“, кој опфаќа делови од Капиштец и Водно, Француски гробишта и Дуќанџик. Овие планови се донесени пое усвојувањето на Генералниот план во 2002 година и се усогласени со него.

„Мораториумот започна на 27 декември минатата година и опфаќа забрана за извршување на 31 ДУП, кои се донесени пред ГУП донесен во 2002 година. За нив е предвидено целосно ревидирање и усогласување со Генералниот план и забрането е отворање нови постапки, поднесување проекти, плаќање комуналии и слично. Што се однесува до истите планови, има постапки кои започнале пред мораториумот и заглавиле во процедури пред повисоки инстанции или пред суд. Некои од нив завршиле и сега дојдоа на ред да добијат одобренија. Тие не можеме да ги одбиеме бидејќи немаме правна основа. Освен нив, во изминатиов период Општината дала и одобренија за адаптација, пренамена на објекти, реконструкции или доградби, а тие се вкупно 52“, вели Богдановиќ.

Пет од новите објекти што ќе се градат се дел од спорните ДУП во Дебар Маало, а два во планот за Тасино Чешмиче. Во ДУП за Маџир Маало еден од објектите е за канализација, а во ДУП за Буњаковец еден е за катна гаража. По еден објект ќе се гради според ДУП „Мирче Мацан“ и „Стара железничка станица“.

Одобрението од последниов ДУП е за „Лимак“, за дел од објектите кои ги гради на Јужен булевар. За нив компанијата има две одобренија од Општина Центар, за две различни парцели на кои е поделен целиот комплекс. И двете одобренија се побарани пред мораториумот, едното во 2016 година, а второто само шест дена пред да почне забраната за градење. Третото одобрение се однесува на изградбата на подземната сообраќајница и е издадено од Градот Скопје.

Богдановиќ најави дека мораториумот ќе заврши за шест детални плана, кои ќе се најдат на некоја од наредните седници на Советот на Општината. Тоа се плановите што опфаќаат делови од Клиничкиот центар, под Железничката станица, населбата Пролет, кај зградата на „Кјуби“ и „Даре Џамбаз“. За нив ревизијата е завршена, а Советот ќе треба да одобри да стапат во сила. За останатите 26 плана мораториумот ќе продолжи и понатаму.

Еден од нив е и тој за просторот кај паркингот на хотелот на „Холидеј ин“, каде што неодамна беа урнати времени објекти, а теренот почна да се расчистува. Сепак, Богдановиќ вели дека тука градежни работи нема да почнат бидејќи за ниедна парцела Општината нема издадено дозвола за градба.

„Тој план е во тие кои се во мораториум и на кои им требаат промени и приспособување. Лично сметам дека на овој дел треба да му се дозволи развој, таму има многу приватни парцели, на кои сопствениците не можат да си ги реализираат правата. Сепак, сметам дека развојот мора да биде контролиран, тоа значи да не се градат шеесеткатници, туку многу пониски објекти, да нема по четири или пет згради една до друга, туку две или три и да се почитуваат правилата за застапеност на зеленилото“, рече Богдановиќ.

Сања Наумовска