Ќе му биде ли одземен пратеничкиот мандат на Груевски?

Судијката Добрила Кацарска испратила денеска известување до претседателот на Собранието Талат Џафер дека двегодишната затворска казна на актуелнниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за примање награда за противзаконито влијание во случајот „Тенк“ е правосилна, јавува Телма, повикувајќи се на  судски извори. Ова известување на Кацарска, како што се наведува, е  во согласност со член 59 став 1 во собранискиот Деловник во кој пишува: За пратеникот осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција, известување до претседателот на Собранието доставува судот кој ја изрекол казната. Претседателот известувањето веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања.

Според Уставот, на пратеник може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. За одземањето на мандатот на пратеник е  потребно двотретинско мнозинство  во парламентот, односно најмалку 80 гласови.