Ќе има ли пречки при уписот во прво одделение за невакцинираните деца?


Сè уште е неизвесно како ќе се спроведуваат уписите на првачињата во основните училишта кои ги немаат примено задолжителните вакцини за нивната возраст според календарот за имунизација, иако уписите за учебната 2019/2020 година почнуваат за еден месец. Министерот за здравство Венко Филипче побарал од министерот за образование и наука Арбер Адеми да не бидат запишани деца во основно образование доколку не се вакцинирани.

„Преку законско решение бараме начин и инсистираме на тоа во училиштата да не се примаат невакцинирани деца“, вели Филипче за „Независен весник“.

И досега основните училишта при упис на ученик во прво одделение во основно образование бараа потврда за примени задолжителни вакцини издадена од здравствена установа, како и потврда за систематски преглед од стоматолог. Во Законот за основно образование стои дека секое дете има право на образование, а тоа е задолжително и според Уставот.

Министерот Адеми за „Независен весник“ потврди дека со министерот за здравство разговарал како да се најде соодветно законско решение при уписот во основно училиште, со кое родителите би биле помотивирани да ги вакцинираат своите деца.

„Во Министерството за образование и наука се разгледуваат опциите околу вакцинирањето на децата и нивниот упис во основните училишта, меѓутоа, каков и да е резултатот, законското решение ќе биде во согласност со Уставот во кој стои дека образованието е достапно на секого под еднакви услови и дека основното образование е задолжително“, рече Адеми. Тој додаде дека најновата верзија на предлог-законот за основно образование наскоро ќе биде објавена на ЕНЕР, по што ќе следува и дебата со стручни експерти.

Министерот за здравство, пак, вели дека и јавното здравје е загарантирано со Устав. Тој предвидува дека на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот, исто така, има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

„Уставниот суд веќе има одлучувано по претставки на родители пред неколку години. Во одлуките е наведено дека родителите немаат право да не ги вакцинираат децата ниту, пак, имаат право со својата волја да го загрозуваат нивното здравје“, додаде Филипче.

Родителите што одбиваат да ги вакцинираат своите деца се сочуваат со казни во висина од 300 до 650 евра.

Според здравствените власти, со теренската вакцинација во училиштата, МРП вакцина примиле речиси 300 ученици, а од почетокот на епидемијата досега во вакциналните пунктови се вакцинирани 10.300 граѓани. Забраната да не се примаат деца што не ја примиле МРП вакцината уште е во сила. Филипче останува на ставот и во градинките да не се примаат и запишуваат невакцинирани деца.

„УНИЦЕФ понуди електронски увид, поточно градинките да имаат увид во вакциналните картони преку регистар, податоци што ќе им овозможат да нема злоупотреби со потврдите и да знаат дали децата што аплицираат за упис во градинка се вакцинирани или не“, рече Филипче.

Веќе трет месец секој ден има нови случаи на заболени од морбили. Од Министерството за здравство посочуваат дека во текот на последното деноноќие биле регистрирани пет нови случаи на заболени. Од нив двајца пациенти биле задржани на болничко лекување – единаесетмесечно дете од Општина Ѓорче Петров, невакцинирано, и 39 годишен пациент од Сарај. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се хоспитализирани 36 пациенти, од кои 17 деца и 19 возрасни. Со потешка клиничка слика се три деца и двајца возрасни пациенти.

Според последните информации на Институтот за јавно здравје, изминатата недела биле пријавени 104 случаи на мали сипаници. Од почетокот на епидемијата во Македонија во декември 2018, заклучно со 22 март оваа година, се регистрирани 659 случаи на мали сипаници, од кои 522 се во Скопје

Активни епидемии на мали сипаници во моментот има во Скопје, Тетово, Куманово и Гевгелија, а од компликациите од морбилите починаа тројца граѓани.

Вероника Мароска-Леова