Јанушев: Груевски е минато за новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ

Секој што се огрешил, без разлика за каков збор на кривично дело станува збор, треба да одговара – го повтори ставот на партијата генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев во гостувањето на 1ТВ и додава дека тоа мора да биде според законот, пред независен суд. Според него, сите досегашни предмети не опфаќаат економски криминал и нема доказ за финансиски проневери. Сепак, како што вели, партијата се оградува од нејзиниот поранешен лидер, побегнатиот екс премиер Никола Груевски.

-Груевски не е претседател на партијата, ниту премиер веќе неколку години, ниту се наоѓа во државата. Веројатно и за тоа не е ВМРО криво, или е, можеби. Од друга страна, имаме ново раководство на партијата веќе една година и се уште се држи темата за Груевски. Груевски е во минатото. Имаме ново раководство кое води поразлична политика во партијата и што е се поевидентно пред граѓаните и затоа сме убедени дека на следните избори, претседателски или предвремени парламентарни, ќе извојуваме сериозна победа, вели Јанушев.