Јанкулоска: Не барав одвоено да ми се суди


Прво честитка па молба за две актуелни министерки од ексминистерка. Преку отворено писмо до јавноста Гордана Јанкулоска како жена им се обрати на Мила Царовска за социјала и Рената Дескоска за правда, им го честиташе мандатот и во исто време побара помош. Се пожали дека судијката во предметот „Тенк“ Добрила Кацарска, во време кога таа била во болница поради ризична бременост одобрила вештачење со кое ќе се докаже токму тоа. Тоа е на барање на СЈО а Јанкуловска негодува што е упатена на државна гинекологија.

„Извесно е дека судијата очигледно го антиципира исходот од ваквото вештачење, со оглед на информацијата која беше објавена во јавноста дека истото ќе биде доверено на ГАК  со која раководи д-р Викторија Јовановска (за која медиумите пишуваа дека е во блиски пријателски врски со семејството на Зоран Заев), па во период од само еден месец (од 13 јуни до 14 јули) закажани се 8 термини за рочишта за овој предмет. Ваквото постапување на судијата и СЈО го покажува вистинското лице на безкруполозен изврштел на политички нарачки“, пишува Јанкулоска.

На ова повиканите министерки не одговорија. Судијката во разговор за Телма вели дека сите загарантирани права Јанкулоска ги добила. Предметот и е одвоен од останатите обвинети баш поради ризичната бременост. Сега не и се кршат правата со тоа што се бара доказ со преглед од официјална државна институција, која ќе докаже дека е бремена и дека бременоста и е ризична, вели Кацарска. Доколку ова се потврди веднаш ќе го одложи процесот за во септември.

„Воопшто правата не и се кршат. Јанкуловска бараше одвојување само за овој предмет и го доби и покрај тоа што во останатите секојдневно се појавуваше без да има никаков проблем. Пресудата за останатите обвинети исто така ја објавив во време кога таа доаѓаше на рочишта на останати предмети, па до сега и таа ќе имаше пресуда во мојот предмет доколку не го одвоивме. Значи ли ова дека бега само од мојот предмет? Се плаши ли од нешто? Мислам дека сите граници ги помина“, вели Кацарска.

Јанкулоска е обвинета во неколку предмети, но само за „Тенк“ побара да и се суди одвоено, додека на останатите не. Образложението беше дека има ризична бременост. Тоа пак е случајот во кој падна првата пресуда за екс премиерот Никола Груевски за две години затвор, и за помошник министерот Ѓоко Поповски 6 и пол години. Сега Јанкуловска бара од Царовска и Десковска да докажат осмомартовските флоскули да се реализираат, да покажат вистинска грижа и со нивните надлежности да превземат акција за спроведување на меѓународните конвенции за заштита на жената.

Поранешната министерка за внатрешни работи за „Независен весник“ појаснува дека на главната расправа на која беше издвоена постапката за случајот „Тенк“, таа воопшто не присуствувала, ниту, пак, побарала издвојување преку адвокатите.

„Напротив, адвокатите побарале само одлагање на главната расправа до истек на важечкото боледување, на што СЈО се противеле и предложиле раздвојување кое судот го прифатил и покрај противењето на одбраната. Така пишува во решението што го добив, така известија присутните медиуми и така ме известија адвокатите. Впрочем, по истекот на тоа боледување сите знаат дека уредно се јавував на сите закажани рочишта за предмети на СЈО, се до повторното влошување на мојата здравствена состојба кое се случи откако веќе имав отворено породилно отсуство“, изјави Јанкулоска за нашиот весник.