Шутка виа Минхен

Веќе неколку години препознатлив знак на влезот во Шуто Оризари е розовата куќа што наликува на замок од сказните за Шехерезада. Готова однадвор, со раскошни балкони и габарит ги крие урнатините во внатрешноста на објектот. Градбите се одамна престанати и нема најави дека сопственикот планира да ја заврши куќата. На приземниот кат е сместена приватна здравствена установа. Една од многуте во општината со дваесетина илјади жители. Болница нема, има само еден здравствен дом, а гинеколог и тоа од Албанија доби по цели две децении, бидејќи овдешните доктори не сакаат да работат во „озлогласената“ населба.

Пазарот – белег на населбата

Всушност, сликата во местото населено главно со припадници на ромското малцинство одамна не е како во филмовите на Емир Кустурица. Сиромаштијата, необразованоста и дисфункционалноста на семејствата се поизразени во однос на другите средини во земјава, но популарната Шутка расте и се менува од ден на ден. Таму сè уште живее маалскиот дух што се изгуби во Скопје. Дворовите од куќите не се чуваат со катанци на оградите, соседите си помагаат, пред продавниците се пие пиво. На видни места е означено дека се продава „лој од гуска“. Овие животинчиња се како домашни миленици, слободно си се шетаат насекаде.

Сончевите денови се доволна мамка за голем број скопјани да го посетат познатиот пазар каде што „оригиналните копии“ на светски познатите брендови се продаваат по багателна цена. Патики „адидас“ за илјада денари, тренери „најк“ за 1.200, чанти „луј витон“ за 500, дресови од Реал Мадрид и Јувентус за 600…

Што мислиш, од каде се снабдуваат елитните бутици во центарот на градот? Тука брат, тука. Ама долу ќе тупнат три пати повисока цена и мислиш дека ја набавиле стоката директно од Париз. И, вие ќе се залетате, бидејќи ви е срам да купувате од Шутка и ќе си фрлите пари наместо да заштедите“, ни вели еден од продавачите.

Објаснува дека порано стоката ја добивале од Турција, но оти сега сите патишта водат кон Нови Пазар во Србија. Тамошната полиција има слаба контрола во градот на границата со Црна Гора, па криминалните шефови на раат произведуваат парчиња гардероба и обувки со знакови на прочуените марки.

Тезгата ја плаќаме околу четири илјади денари. Да не се жалиме, се вади лепче. Некој повеќе, некој помалку, зависи колку и каква стока продаваш, дали имаш редовна соработка со бутиците во градот. Има колеги мои што изградија куќи со парите заработени од пазарот, ама малку се тие. Ние другите главно имаме за скромен живот“, потенцира продавачот.

Улицата каде што е сместен пазарот е главната во населбата што води од затворот „Скопје“ па до крајот. Постојано се копа нешто. Тесна е. Пешаци се движат по неа, бидејќи тротоарите се ископани и со прашина. Минуваат и автобуси. Ќе тргнат, па ќе застанат. Жителите во околните куќи им сугерираат на возачите слободно да се паркираат кај нив во двор. Тоа задоволство ќе ги чини 50 денари. Можат да останат и неколку часа, не е проблем. Во Шутка е живо секој ден, не само во пазарните вторник и сабота.

По азил во Германија

По пазарењето, посетителите главно си заминуваат дома и не успеваат да го видат вистинскиот живот во Шутка. Тој е во споредните улички, кои се многу пошироки и послободни од главната улица. На секои петстотини метри како да сте во центарот на населбата: супермаркети, берберници, месари, бурекџилници, автопералници, механичарски работилници, туристички агенции…

Германија и Белгија се омилените дестинации. Сите имаат роднини таму, се обидуваат да стигнат до Минхен или до Брисел, па веднаш да побараат азил“, признаваат во една од агенциите.

Не е тајна дека „заработените“ евра од неуспешниот обид за азил во европските земји се доволни за цела година убав живот во Македонија. Околу 400 евра месечно, и покрај засилените критериуми за влегување во ЕУ и симнувањето од автобус уште на Табановце, се доволен предизвик да се влезе во автобусот, па што биде.

Во Шутка сè е поевтино, ѓеврекот е 10 денари, бурекот 30, симит-погачата 20, лебот ни е 18 денари… Килограм месо во месарницата до нас е 250 денари, во продавницата отспротива јајцата се шест денари“, споредуваат во една од пекарниците додека чекаме бурекот да се испече.

Забележуваме дека куќата како на влезот во Шутка не е патентиран производ, идентични градби има на уште неколку места. Во само неколку метри растојание ќе видите огромен контраст: куќа на два ката со паркинг со плочки, рефлектори и камери, а до неа трошна куќарка со некоја кокошка и петел пред неа. На луксузните куќи има огради и на прозорците, за секој случај. Во најголем дел, сопствениците на големите куќи се во странство, тука доаѓаат на лето и кога се поголеми празници. Но, не сите со убав дом се печалбари од странство. Тоа ни го потврдуваат Демира и Максут Бајрам, кои се горди на тоа што го создале со своите раце, како и на синот – музичар, кој има свирки низ цела Европа.

Со македонска плата до убава куќа

Не дека не се обидовме да живееме во Германија, ама се вративме пред три децении. Уште беше Југославија кога побаравме азил таму, нè одбија. Пак се вративме, пак нè одбија. Видовме – не видовме, си дојдовме дома. Јас сум домаќинка, моја задача беше да се грижам за домот и за семејството, а сопругот се вработи во комуналното претпријатие. Со една плата живеевме. Сега синот ни помага и еве, имаме убава куќа и скап автомобил“, зборува Демира.

Во разговорот се вклучува Максут, кој има скршеница на раката. Вели дека во староста најважно е здравјето, а сè друго е минливо.

Мојот брат до нас што е, во странство живее, заработува добро и изгради голема куќа. Откако се вративме од Германија, веќе не помисливме да одиме надвор. Мака ни е што работите во државата не се средија. Пред неколку години ми ја оперираа половината, ми побараа мито, им дадов, а ме направија уште поголем инвалид. Сега за раката истото ми го прават. Пак ми бараат мито. Во приватните болници, пак, само што ме прегледаа ми наплатија 55 евра, а за операција за раката бараат 5.000 евра. Сите сакаме во Европа, ама со вакво здравство каде ќе одиме?“ прашува Бајрам и се заканува оти следниот пат кога ќе му побараат поткуп, ќе ги викне медиумите и докторите ќе ги каже со име и со презиме.

Во соседството трешти гласна музика. Особено е раздвижено. Ни кажуваат оти ќе има свадба. Невестата има 17 години, а младоженецот 19. Се сакаат, немало потреба за чекање. Напролет планирале да заминат во Германија, таму живеат двајцата чичковци на зетот. Момчето се надева дека за некоја година и тој ќе изгради куќа со раскошни балкони и габарит, со решетки на прозорците. На Шутка никој не може да ѝ го одземе сонот.

Горан Адамовски