Шведската амбасада го прослави празникот Санта Луција


Tрадиционалниот шведски празник Санта Луција во Шведска се одбележува во чест на светлината во темните и долги зимски ноќи, а Амбасадата на Шведска вчера го прослави во Скопје со богат концерт на празнични песни и шведски кулинарски специјалитети.

Повеќе од петстотини гости во Македонската филхармонија беа пречекани со мирис на глог – варено вино со бадеми и суво грозје и колачиња со шафран и ѓумбир на прославата на оваа уникатно шведска традиција – своевиден фестивал на светлината и топлината кога скандинавските ноќи се најтемни, а зимата најладна.

Во музичката програма со божиќни песни, настапија женскиот хор „Св. Злата Мегленска“ , оперските солисти Билјана Стафансон и Лилјана Јовановиќ Миловановиќ, придружени од Иван Еминовиќ на пијано и камерниот состав „Пламенка Трајковска“.

Амбасадорот на Шведска, Матс Стафансон, ја поздрави публиката и го потенцираше значењето на еден од најголемите празници во Шведска, кој се прославува насекаде низ земјата, во домови, училишта и на работни места. Речиси  не постои шведска амбасада низ светот која не организира прослава за Санта Луција. Прикажани беа и кратки филмови кои ја појаснија оваа традиција и ги прикажаа нејзините прослави околу светот.