Харлем Дезир бара вистинска независност на јавниот сервис

Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Харлем Дизир, денес ги пофалил неколкуте позитивни медиумски реформи во Македонија, нагласувајќи ја потребата за подобрување на општата медиумска состојба во земјата.За време на неговиот состанок со премиерот Зоран Заев, тој разговарал за измените во законодавството за аудио-визуелните медиуми, за реформата на јавниот сервис и безбедноста на новинарите. Дезир ја поздравил одлуката на новата влада да ја стави слободата на медиумите на врвот на својата агенда.

Дезир притоа соопштил дека се прави правна проценка на предлог измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, најавувајќи континуирана помош за време на законодавниот процес.Неофицијално Дезир бара со законот да се обезбеди вистинска независност на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од влијанието на државата, бидејќи оценката сега е дека тоа недостига.

“Мојата канцеларија ќе продолжи да се занимава со обезбедување на сета потребна помош во овој многу важен процес. Го поздравувам активното вклучување на новинарските здруженија и невладини организации и организациите на граѓанското општество во јавните консултации во врска со нацрт-законот “, рекол Дезир, истакнувајќи ја потребата од транспарентност и отвореност на процесот.

Дезир, исто така, се осврнал на прашањето за медиумите на јавниот сервис, барајќи тие да се финансираат на начин што исто така нема да ја поткопа нивната независност, а ќе им овозможи да ја извршуваат својата мисија.

„Со цел да се спроведат овие многу неопходни реформи, многу е важно јавниот сервис да стане институција со високи професионални стандарди, без политички притисок и во служба на сите граѓани “, рече Дезир.

Како позитивен чекор Дезир ја оцени одлуката на Владата да обезбеди слободен пристап на новинарите до документите од Централниот регистар и Агенцијата за катастар на недвижности, како и да го намали владиното рекламирање во сите медиуми.