Харадинај: Јас сум за преговори, а не за отстапување територии


Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави денеска за Би-Би-Си дека во целост е против „отстапување теротории“ за Белград и „промена на границите“ бидејќи „таквите приказни предизвикуваат трагедии“.

На прашање дали е подготвен да го отстапи северниот дел од територијата на Косово на Белград, за да се реши спорот меѓу двете држави, Харадинај одговори дека тоа се „приказни за територии кои предизвикаа трагедии и војни на Балканот“.

Тој додаде дека не сака уште една војна во регионот.

– Заинтересирани сме да седнеме на маса со претседателот Александар Вучиќ и да завршиме со она што остана како отворено меѓу Косово и Србија, а тоа е – признавањето, изјави Харадинај, пренесе Танјуг.

Тој истакна дека не сака да зборува за размена на територии бидејќи според него, тоа предизвикало војни во минатото.

– Ако го отвориме тоа прашање, тоа е приказна без крај. Јас сум во целост против тоа. Се уште носиме рани од претходните трагедии и не сакаме да ги отвораме повторно, наведе Харадинај за Би-Би-Си.