Универзитетот „Мајка Тереза“ ќе се гради кај касарната „Илинден“

Универзитетот „Мајка Тереза“ ќе добие нова локација во касарната „Илинден“. Покрај земјиштето за изградба на новиот објект, добиени се и две згради, од кои едната е веќе испразнета и наскоро ќе биде распишан тендер за нејзина адаптација. Ректорот Азис Положани очекува процесот да заврши до септември идната година и поголемиот дел од наставата од академската 2019/2020 година да се реализира во новите простории.

 

Универзитетот е основан пред три години, а исто толкав период наставата се одвива во простории во зградата на Сојузот на синдикати на Македонија и во скопското основно училиште „Конгреси и Манастирит,“ за што универзитетот троши државни пари за кирија. Ректорот се надева дена новата зграда ќе биде завршена за три до четири години, а откако ќе биде готова другите две згради ќе бидат пренаменети во студентски дом.

„Во фаза сме на изнаоѓање решение за изградба на новиот кампус. Имаме заклучок на влада со кој се менува местото каде што првично требаше да се изгради објектот за Универзитетот, така што сметам дека сега ќе има поголем простор. Ветено ни е дека деновиве ќе има одлука“, објасни Положани.

 

 

Има студенти, недостига кадар, но за да не трпи наставата Универзитетот ангажира надворешни соработници

 

Положани посочи дека на Универзитетот студираат повеќе од 650 студенти, меѓутоа и натаму недостига кадар. Објавуваат огласи, ама оние што се пријавуваат не ги исполнуваат условите, па за да не трпи образовниот процес ангажираат надворешни соработници. Располагаат со 25 студиски програми од техничките науки, а ќе пристапат кон барање реакредитација или акредитација на нови поатрактивни, кои ќе соодветствуваат со потребите на стопанството. Лаборатории имаат за практична работа, а според Положани во новите простории ќе има и нова современа апаратура.

Инаку, со донесувањето на новиот Закон за високо образование, универзитетите имаа обврска да изготват нови статути. Статутот на Универзитетот е готов, рече Положани, ама од страна на Собранието уште не е усвоен. Која е причината не знае, но посочи дека веројатно има извесни несогласувања меѓу основачот и Универзитетите. Сè додека не се изгласаат статутите на Универзитетот „Мајка Тереза“ и на другите универзитети, им се кочат важни работи во функционирањето. Од овие причини деканите сè уште се вршители на должности, не можат да се изберат нови и, доколку до февруари не биде завршена постапката, ќе треба да се изврши избор на нови в.д. декани место тие што се сега.

Вероника Мароска-Леова