Уапсен косовски заменик-министер поради примање поткуп
Основниот суд во Приштина му одреди 30-дневен притвор на заменикот-министер за регионален развој Муса Цена, кој беше уапсен вчера под обвинение за примање мито и злоупотреба на службената должност, јави дописникот на МИА од Приштина.
Извори од судот потврдија за порталот „Газета Експрес“ дека е прифатено барањето на Обвинителството за 30-дневен притвор.
Цена доаѓа од партијата на косовскиот премиер Рамуш Харадинај, Алијансата за иднината на Косово (ААК), а медиумите забележуваат дека за случајот досега се немаат огласено ниту премиерот ниту партијата.
Заедно со заменикот министер, под обвинение за истото дело – примање поткуп и злоупотреба на службената должност – вчера се уапсени и едно службено лице од општината Ораховац и еден сопственик на приватна компанија.