„Топлик“ и „Титаник 3“ на СЈО денеска во Кривичен
Во Кривичниот суд денеска треба да се одржат нови рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Топлик“ и „Титаник 3“.
Во случајот „Топлик“ првоосомничен е ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град“ во Сопиште и уште пет други лица.
Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“. Според обвинението Јанакиески и другите петмина обвинети го оштетиле државниот Буџет за 64.206.839 денари односно за милион и 44.000 евра.
Судење денеска треба да се одржи и за случајот „Титаник 3“ во кој се обвинети Ејуп Аљими и Исмет Гури од ДУИ. Тие се товарат дека како членови на Општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништувале изборен материјал.
Фото: Б. Грданоски