Темелко пуштен од „Шутка“ во куќен притвор

Кривичниот суд му го укинал притворот на Едмонд Темелко и му определил куќен притвор,потврдуваат од судот. Решението на Кривичниот совет, кој постапувал по барање на одбраната на Темелко, е донесено вчера. Кога тој ќе го напушти притворското одделение зависи од процедурата за прием на решението.

ВМРО-ДПМНЕ и неколку здруженија бараа Темелко да биде пуштен од притвор поради нарушена здравствена состојба.

Судот му одреди притвор на Темелко пред два месеци, на барање на Специјалното јавно обвинителство. Како обвинет во предметот за изборни нерегуларности „Титаник“, тој претходно не ја почитувал мерката на претпазливост со која му беше определена забрана за напуштање на државата.

Во случајот „Титаник“ се опфатени и поранешни министри и функционери, меѓу кои се и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски.