Татко и два сина обвинети за напад на полицајци во Шуто Оризари

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против три лица кои нападнале шест полициски службеници кои повикале пајак служба да острани неправилно паркирано возило сопственост на еден од обвинетите.

-Обвинети се татко и неговите два сина, кои на 15 септември годинава на панаѓур во населба Шуто Оризари, заедно нападнале и телесно повредиле шестмина униформирани полициски службеници од ПС Чаир кои заради нормално одвивање на сообраќајот, повикале пајак-служба која пристигнала и пристапила кон отстранување на автомобилот „фолксваген пасат“, сопственост на еден од обвинетите. Тој влегол во возилото, го стартувал и тргнал напред, при што удрил во оштетените полицајци, нанесувајќи им телесни повреди, информираат од ЈОРМ.

Еден полициски службеник преку отворениот прозорец се обидел да го отклучи автомобилот и да го спречи обвинетиот во натамошните дејствија. Обвинетиот излегол од возилото и заедно со брат му и уште неколку други непознати лица физички ги нападнале полициските службеници, удирајќи ги со тупаници по главата и телото и нанесувајќи им телесни повреди.

Откако на помош пристигнале и други полицајци и обвинетите биле обезбедени, пристигнал нивниот татко, кој исто така започнал физички да се пресметува со полициските службеници.