Танушевци е слободно, ама без вода и без струја

Танушевци – Кога на четири километри од Танушевци ќе ја здогледате „Чешмата на Илми“ изградена во 2015 година, ниту на крај памет нема да ви биде дека од неа со вода се снабдува целото село. За жал, за немање струја не постои такво алтернативно решение, па педесетината жители ги поминуваат ноќите со газа, како што нивните потомци го правеле тоа пред речиси еден век. За леб или за други основни продукти одамна се навикнати дека ќе треба да одат во соседното село Мјак, оддалечено половина час возење со автомобил на косовска територија.

Времето во ова скопско село, познато по воените случувања во 2001 година, одамна е запрено. Да, слободно е, односно „ослободено“, како што вели Џезаир Шакири, алијас командант Хоџа, но кој бил само еднаш во Танушевци сфатил дека работите се заробени во времето пред Втората светска војна.

Зошто сте дојдени, да не има избори?“, нѐ дочекуваат тројца повозрасни мажи на влезот од селото.

Всушност, селото е целосно зафрлено, таму не поминува никој случајно, па секој дојденец веднаш им паѓа во очи на мештаните. Преку Бутел и Радишани, па Побожје и Бродец ќе стигнете некако до селото лоцирано на самата граница со Косово. Прекрасната природа и чистиот воздух под падините на Скопска Црна Гора ќе ви ги полнат градите додека се „клацкате“ по патот, кој наместа е асфалтиран, наместа со дупки, наместа со земјени наноси, тесен и непрегледен. Педесетина километри што се возат за час и половина. И тоа само кога е доцна пролет, лето и рана есен, зашто од ноември до април снегот го попречува движењето на возилата. Танушевци е отсечено од останатиот свет.

Годинава имавме преку два метра снег, не можевме да препознаеме каде ни се придружните објекти во дворот, каде се куќите на соседите. Само белина“, ни вели селскиот учител Џемаил Јакупи.

 

Училишниот објект изгледа како напуштена барака, но Јакупи ни посочува дека во него учат 17 деца од прво до деветто одделение. На прв впечаток изгледа неверојатно, затоа што едвај гледате луѓе, но домаќините нѐ поправаат оти селото е разбиен тип, па ни покажуваат куќи во далечина што, исто така, се водат како дел од Танушевци.

Децата се воспитани уште од мали да им помагаат на родителите, па ги работат сите домашни задачи: садат компир, одгледуваат живина и добиток, собираат сено…

Главно нема струја, нема телевизија и интернет, а и онака сме преморени, па навечер легнуваме штом се стемни“, признаваат две момчиња на тинејџерска возраст.

Илхан има 20 години. Веќе е женет, но вели оти уште е млад за да има деца. Сопругата му е од Косово. И тој помага низ дома. Откако завршил основно училиште, се запишал во гимназијата „Зеф Љуш Марку“, но неговите родители не биле во можност да го запишат на факултет, па се вратил во Танушевци.

Во Скопје престојував во Домот во Автокоманда, а дома си одев само за викенд. Така беше полесно, затоа што до моето село нема автобуски превоз, а и да има, не вреди по три часа дневно да минувам по пат“, зборува смирено.

Долгата зима и немањето основни услови за живот ги принудува селаните да се симнуваат во Скопје или во Косово. Само три семејства остануваат во текот на целата година. Фекрије Џафери неодамна се врати во своето родно село. Заедно со него е повозрасниот син.

Имам 60 години и ми се чини дека работите во селото не се помрднале со прст за сево ова време. Не можам да сфатам како е можно во едно село што територијално му припаѓа на Скопје да нема редовно снабдување со струја и со вода, да нема пат и да нема продавница. И после бегаат луѓето, па ќе бегаат. Што да прават тука?“, вели тој.

Работи на двата хектари земја што ги поседува. Танушевци е познато по компирот, со тоа се занимава цело село. Фекрије годишно вади околу 10-15 тони компир.

Сега цената е по 20-25 денари за килограм. Тоа ми е единствен приход на егзистенција. Имам тезга на Бит-пазар, ама и со неа имам еден куп проблеми, згора сега велат дека ќе правеле нов пазар, а тој ќе го дислоцирале. Штом патот стане прооден, доаѓам тука, инаку живеам во Визбегово. Се натоварувам со вода и со јадење. Штом ја потрошам водата, се симнувам до чешмата оддалечена 3-4 километри и сѐ така во круг. Немам пензиско, значи не ме чека пензија, се прашувам вреди ли уште да се живее? Разочаран сум од државата, на власт се менуваат само арамии, едни си одат, другите доаѓаат, а за народот никој не се грижи. Жал ми е за младите, не гледам никаква иднина за нив“, констатира Џафери.

Повозрасните жители на селото раскажуваат дека во времето на поранешна Југославија имало вода, оти стопениот снег се спуштал по цевките, но сега тие се испокршени на стотици делови, па водата се губи низ шумата. Со струјата немаат проблем само во лето. Впрочем, имаат и тогаш, ама топло е, па барем за греење се раат.

Училиштето во зима се грее со дрва. Ние по дома со газа, со дрва, кој како ќе се снајде“, вели учителот Џемаил.

Околу Танушевци е замислената граница со Косово. И самите мора да внимавате додека се движите по калливите сокаци да не преминете граница. Селаните не се грижат воопшто, да не им е Мјак од другата страна, нема каде да пазарат брашно и масло за готвење, а таму одат и на лекар.

На десетина километри на патот кон Скопје има два напуштени пункта на армијата, а тука е и караулата Кодра Фура. Селото веќе седумнаесет години не е во центарот на воените случувања. Жителите имаат вистинска потреба да се чувствуваат како рамноправни граѓани, преку глава им е некој да ги ослободува и преку нивен грб да води политичка кариера.

Хоџа: Одам во Скопје, ама не ве заборавам

Новиот советник на премиерот Зоран Заев, Џезаир Хоџа, е најпознатиот жител на Танушевци. Всушност, и неговото назначување на нов станар на „Илинденска“, го правдаше со зборовите дека за возврат го ослободил Танушевци. Жителите на селото, пак, немаат високи очекувања дека нешто ќе им биде променето во секојдневното живеење.

Едно време тој беше пратеник во Собранието, па ништо не направи за нас. И натаму сме без вода и струја, и натаму немаме доктор, и натаму немаме продавница, и натаму до Скопје ни треба час и половина по никаков пат. Минатата недела ни рече дека заминува во Скопје, ќе имал важна работа, но оти немало да нѐ заборави. Рече дека во селото ќе доаѓа поретко, ама ќе гледа да ни се решат проблемите. Искрено, луѓето веќе изгубија доверба, на сите ни е јасно оти секој се грижи само за себе“, коментираат во селото инсистирајќи на анонимност поради страв од одмазда на командант Хоџа.

Горан Адамовски

Блерим Исмаили