СЈО ја губи смислата на постоењето

Целата македонска јавност се крена на нозе кога претседателот Ѓорге Иванов ги аболираше функционерите од ВМРО-ДПМНЕ осомничени во случаите на Специјалното јавно обвинителство. Сега, неколку години подоцна, веќе не важат паролите што ги носеа демонстрантите „Шутка не ти бега Никола“ и „Ќе си лежите“, а маичките со ликовите на трите специјални обвинителки ја изгубија вредноста. Исходот од аболицијата на Иванов и сегашните амнестии што ги истурка актуелната власт речиси е ист: поранешните функционери не ги стигна правдата што граѓаните ја очекуваа. Иако меѓу новинарските кругови се шпекулираше дека поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков и бизнисменот Орце Камчев ќе си ја купат слободата, потврдата дека СЈО предложило куќен притвор за Камчев и за другите обвинети во случајот „Империја“, како и за поранешните функционери Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, ја разгневи и ја шокира јавноста. Обвинителката Лиле Стефанова го доставила предлогот до Апелацискиот суд завчера доцна попладне, а таму на затворени седници беа донесени првите одлуки со кои почна пуштањето од затвор на моќниците од поранешната власт. По еден и пол месец поминат во притвор, први од Шутка излегоа најбогатиот Македонец, Орце Камчев и неговиот бизнис-партнер, Цветан Панделевски. Се очекува од притвор да излезат и останатите осомничени во случајот „Империја“, како и поранешните функционери Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Специјалното јавно обвинителство нема дадено предлог и мислење единствено за поранешниот шеф на тајната полиција и не се знае официјално дали Сашо Мијалков за Нова година ќе биде дома наместо во Шутка. Според неофицијалните информации на „Независен весник“, СЈО ќе даде позитивно мислење и за Мијалков.

Власта не се откажува од спорните измени

Овие одлуки се носат во време кога власта во Собранието турка измени на Кривичниот законик со кои се проценува дека половина од случаите на СЈО паѓаат во вода. Засега на комисиска расправа помина само спорниот член 275-в кој се однесува на злоупотреба на јавните набавки. Со него би им се намалиле казните на дел од осудените во предметите на СЈО, поконкретно во предметот „Труст“, во кој се осудени на затворска казна бизнисменот Сеад Кочан и синот на пратеничката Владанка Авировиќ, Василие.

Декларативно, пред крајот беа повлечени спорните измени на членот 353, кој се однесува на злоупотреба на службена положба при јавна набавка, а за кој пратениците велат дека бил донесен од претходната власт и дека се користел за политички пресметки. Ако се издејствува донесување на овој член, ќе се обезбеди намалување на казните во осум случаи на СЈО. Пратениците не се откажуваат од идејата да се смени овој член, само што вчера констатираа дека за тоа им е потребна поголема дебата во јавноста.

Со овие измени власта би ги обезбедила пратеничките гласови што фалат за уставните измени. Гласовите би се обезбедиле од пратеникот Зекир Рамчиловиќ, кој е близок со бизнисменот Сеад Кочан, пратеничката Владанка Авировиќ и ексминистерката Елизабета Канческа-Милевска, која е обвинета во случајот „Тендери“. Се очекува четвртиот глас да го обезбеди пратеничката Емилија Александрова, која е во роднински врски со Сашо Мијалков.

СЈО стана едно големо шоу

Во ваков сплет на околности, кога поранешниот премиер Никола Груевски ѝ избега на правдата, кога од затвор се пуштаат функционерите кои сегашната власт ги претставуваше како олицетворение на криминалот и кога се интервенира во закони што ќе влијаат врз случаите на СЈО, дел од јавноста го проблематизира постоењето на оваа институција која требаше да ја донесе правдата. За професорката Мирјана Најческа која беше дел и од „Шарената револуција“ последниот чекор на СЈО е удар на се она што претставуваше макотрпна и долга борба на граѓаните за промена на системот. Според неа, со овие постапки обесмислува институција и се создава впечаток дека е едно големо шоу и парада, која треба да го замајува граѓанството.

„Со овие постапки СЈО се бламира и се девалвира и дефинитивно ја губи довербата на граѓаните. Доколку навистина се формира СЈО, кое сакаме да го озакониме како посебно структура која ќе се бори со организираниот криминал, со неказнивоста на високи функционери во власта една ваква постапка, уште пред да почне да дејствува во новите законски рамки, го претставува како политичка алатка и го обесмислува неговото постоење. Ваква една постапка претставува самоукинување, саморазрешување на СЈО и навистина не гледам причина зошто би постоело“, вели Најческа.

Слабостите на оваа институција Најческа ги гледа и во одолговлекувањето на постапките што ги води ова обвинителство, но и бегството на Груевски,

„Дел од вината за бегството на Груевски мора да ја сподели СЈО и покрај нивните многу смешни оправдувања кои ги дадоа како за бегството така и за промените во Кривичниот законик, дека нема да влијаат на нивната работа. Тоа е отворена лага“, вели Најческа.

И сега, во услови кога гневот на јавноста е насочен токму кон Специјалното јавно обвинителство, оттаму нема никаква реакција или јавна изјава.

Фросина Факова – Серафиновиќ