Судот ја вратил гаранцијата на Мијалков да се комплетира

Судија на претходна постапка утврдил дека предлогот што го доставила одбраната на поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, со којшто нуди гаранција од еден милион евра за да излезе од притвор, не бил комплетиран.

Од Кривичниот суд за „Независен весник“ велат дека побарале одбраната да го комплетира предлогот и откако ќе го направат тоа, веднаш ќе се достави до Специјалното јавно обвинителство кое треба да се произнесе. Адвокатите на Мијалков сè уште не се запознаени со одлуката на судијата.

Од Специјалното јавно обвинителство потврдуваат дека предметот за Мијалков не е стигнат кај нив, а тој на одбраната на бизнисменот Орце Камчев веќе стигнал во надлежното обвинителство и се очекува обвинителката да даде мислење за гаранцијата.

Камчев достави предлог до судија на претходна постапка и понуди рекордни 14 милиони евра за да се брани од слобода. Пред две недели Кривичниот совет на Камчев му го продолжи притворот за нови 30 дена. Жалбата на одбраната за продолжувањето на притворот е доставена до Апелацискиот суд кој треба да одлучува. Предлогот за гаранција е поднесен до судија на претходна постапка кој чека мислење од СЈО за да одлучува.

Камчев заврши во притвор дента кога поранешниот премиер Никола Груевски требаше да биде спроведен во затворот во Шутка, а Мијалков по бегството на Груевски. Двајцата се осомничени во најновата истрага што ја отвори СЈО за предметот „Империја“. (Ф.Ф.С.)