Сугестивно наместо негативно референдумско прашање

Меѓу две опции – дали референдумското прашање да биде негативно или „сугестивно“, со тоа што ќе го стави во прв план членството на Македонија во НАТО и во ЕУ, македонските власти ја одбрале втората варијанта, а со цел и на таков начин да се влијае за успешност на референдумот за името.
Извори од владејачкиот табор посочуваат дека до неодамна била во игра и варијантата со негативно прашање, за на крај да се процени дека тоа би значело своевидна манипулација. Во таков случај, како што се проценува, опозицијата би требала да собира гласови „за“, а власта, практично како иницијатор на граѓанското изјаснување, би требала да повика на бојкот или евентуално потајно да дејствува во таа насока, што би било контрадикторно.
Наспроти првичните очекувања дека прашањето ќе биде од типот „дали сте за промена на името со цел членство во НАТО и во ЕУ“, сепак, е избрана варијанта со прашање што во прв план го става членството на Македонија во евроатлантските организации, додека во вториот дел се однесува на договорот со Грција. „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“
Ова е најверојатното референдумско прашање кое ќе биде ставено пред граѓаните, а што премиерот Зоран Заев го посочи по завршувањето на лидерската средба во средата која се одржа во проширен состав.
Заев појасни и дека е разговарано и за членот 27 од Законот за референдум, според кој во услови кога Собранието треба допрва да донесе некоја исклучителна важна одлука за иднината, потребно е референдумот да биде консултативен. Одлуката, додаде Заев, се смета за конечна доколку на референдумот излезат најмалку 50 проценти од вкупниот број на запишани избирачи во Избирачкиот список.
„Без разлика на карактерот на референдумот, одлуката се смета за успешна доколку на гласање излезат мнозинство од вкупниот број избирачи. Консултативен референдум е кога ние сакаме да ги консултираме нашите сограѓани и потоа да ги носиме одлуките, како што е случајот со одлуките за промена на Уставот. Ако одлучиме да ги донесеме одлуките за промена на Уставот сега во парламентот, а потоа да одиме да го провериме тоа на референдум, тогаш тој е дополнителен“, појасни Заев.
Според наши информации, на завчерашната лидерска средба, на која дојдоа сите парламентарни партии што имаат повеќе од двајца пратеници, речиси сите присутни се изјасниле позитивно околу потребата за одржување референдум за договорот со Грција. Според наши информации, и претставниците на Социјалистичката партија која е сè уште дел од коалицијата „За подобра Македонија“ дале поддршка, со тоа што предочиле дека очекуваат владејачката гарнитура да се договори за ова прашање со ВМРО-ДПМНЕ. Единствено, претставниците на ВМРО-ДПМНЕ – лидерот Христијан Мицкоски и Тања Каракамишева не го соопштиле својот став, туку заминаа од средбата, негодувајќи за нејзиниот формат.

Затоа, пак, вчера Мицкоски искажа резерва околу референдумското прашање што го најави премиерот.
„Ако веќе се стремиме кон европските принципи треба така и да се однесуваме, а не само декларативно да ги поддржуваме. Треба да ги почитуваме Уставот и законите, а не да поставуваме повеќесмислени прашања за граѓаните“, рече Мицковски.
Според него, на вчерашната лидерска средба во формат „два плус два“ не била отворена темата за можна формулација на референдумското прашање.
Според нашите информации, владејачките партии преферираат референдумот да се одржи на 30 септември. Овој датум го посочил и премиерот Зоран Заев на вчерашната лидерска средба во Клубот на пратеници. Сепак, како алтернатива за спроведување на плебисцитарното изјаснување за името е оставена и првата недела од октомври, односно 7 октомври.
Доколку има договор за референдум на крајот на септември, тогаш тој би требало да биде распишан до крајот на овој месец, за да се остави простор од 60 дена за предреферендумските активности, како што е и законски предвидено. Планот е некаде кон средината на јануари да се заврши со сите постапки при успешен референдум, со што ќе се овозможи парламентот во Грција да гласа за договорот за името.
Сепак, вчерашната лидерска средба заврши без конкретен договор, по што Заев предупреди дека се броени деновите за спроведување на референдумот со сите процедури што му претходат. Иако разговорите меѓу најголемите партии треба да продолжат в недела навечер или в понеделник наутро, како што најави вчера Мицкоски, набрзо по вчерашната лидерска сесија, беше закажана комисиска седница за измените во Изборниот законик. Односно, за новиот модел на избор на ДИК што го предлага Владата, а со цел да ја надмине блокадата што ја постави опозицијата поради потребното двотретинско мнозинство.
Претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби од ДУИ ја свика седницата која може да трае најмногу два дена, со оглед на тоа што законските измени се пуштени во собраниска процедура со европско знаме и треба да се донесат по скратена постапка. Според тоа, денеска би бил последниот дена за комисиска расправа, по што за измените во Изборниот законик ќе треба да гласа и собранискиот пленум на седницата која почна во понеделникот, а продолжи и денеска.
Околу можната деблокада на изборот на ДИК се разговарало и на лидерската средба. Заев рече дека очекува решенија на следниот состанок, ама посочи дека во парламентот тече процедурата за донесување на законските измени, со кои, всушност, се заобиколува и Комисијата за избори и именувања, што ја предводи Илија Димовски, а која досега беше надлежна да прави селекција на кандидатите за членови на ДИК.
Затоа, пак, вчерашното попладне помина во знак на консензус меѓу партиите во парламентот, кога едногласно – со 76 гласа „за“ беше донесена Декларацијата за поддршка на пристапниот процес за членство на Македонија во НАТО.
Александра М. Митевска