Субвенциониран превоз за 10 студенти од Крива Паланка

Општина Крива Паланка го објави Конкурсот за субвенциониран превоз на студенти за студиската 2018/2019 година кои студираат на државните универзитети во Скопје и Штип, а се жители на Крива Паланка.
Општината во претстојната студиска година ќе субвенционира превоз на 10 студенти, а субвенционирањето е со два повратни месечни билета со превоз од АДПТУТ „Пролетер“ АД село Конопница, Крива Паланка.
Кандидатите кои ќе аплицираат за субвенциониран превоз треба да не се постари од 25 години, а право на субвенции имаат студентите кои се жители на општина Крива Паланка и се редовни студенти кои не повторувале година во текот на студирањето. Кандидатите треба да се државјани на Република Македонија, а предвид ќе бидат земени апликациите на студенти: деца на самохран родител, деца на невработени родители, деца без родители и родителска грижа, студенти деца со посебни потреби и деца на корисници на надоместок по основ на престанок на работен однос од деловни причини за кои вкупните приходи во семејството се под нето минималната плата утврдена во Република Македонија.
Еден од основните критериуми за доделување субвенции е кандидатите да имаат постигнат успех од претходните студиски години од најмалку 8,5 и ќе бидат земени предвид материјалните можности на студентите и нивното потесно семејство.
Поднесувањето документи ќе се врши во општина Крива Паланка, во периодот од 24 септември до 5 октомври 2018 година.
Потребните обрасци може да се набават во просториите на општината или на општинската веб-страница www.krivapalanka.gov.mk, каде може да се добијат и подетални информации за сите потребни документи.
Резултатите ќе бидат објавени во рок од осум дена од денот на завршување на конкурсот на огласна табла во општина Крива Паланка и на веб страната на општината.